Многу сладок, многу симпатичен и сака да знае сè за вас: Мјуз
„Мета“ го претстави „Мјуз“, својот нов личен асистент со вештачка интелигенција, како производ наменет за сите, вклучително и за луѓето кои немаат искуство со технологијата. Технолошкиот гигант се надева дека симпатичниот асистент со вештачка интелигенција „Мјуз“, кој наликува на кукла, со својот дизајн ќе го привлече вниманието на луѓето.

Производот, претставен на конференцијата „Мета Конект“, за кратко време се искачи на врвот на листите во продавницата за апликации на „Епл“.
Компанијата ја позиционира оваа алатка, создадена за да им помага на луѓето во секојдневните обврски, како асистент со вештачка интелигенција наменет за сите.
Извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, изјави дека стандардниот аватар на „Мјуз“, со крем боја, црни очи како мониста и насмевка свртена нагоре, го добил името „Веселко“ поради својот весел и целосно приспособлив карактер и личност.
„Мјуз“ се појавува како дел од настојувањата на технолошките компании да ги направат производите со вештачка интелигенција попривлечни за луѓето, давајќи им симпатичен изглед налик на домашни миленици, како и препознатливи гласови и личности.
Експертите посочуваат дека симпатичниот изглед предизвикува длабоки биолошки реакции кај луѓето, па затоа, со сè поголемото присуство на интеракцијата меѓу роботите и луѓето во секојдневниот живот, дизајнерските решенија што ја прават технологијата почовечна би можеле да станат сè поприфатени.
Директорот за вештачка интелигенција во „Мета“, Александер Ванг, изјави дека пред само шест месеци, поседувањето личен асистент што работи на сопствениот компјутер било карактеристично за луѓето кои биле целосно посветени на вештачката интелигенција и постојано размислувале за асистенти.
Ванг истакна дека за оваа мала група ентузијасти тоа изгледало како почеток на личната суперинтелигенција, а денес, со „Мјуз“, таа можност им ја нудат на сите.
Асистентите „Мјуз“ може да имаат различен изглед, а корисниците можат да приспособат сè – од нивното име до облеката.
Асистентот на Закерберг, облечен во тога и со венец на главата, го носи името Агрипа, според римскиот војсководец и државник.
За време на настанот, Закерберг најави и мал пренослив уред наречен „Мјуз Чарм“, односно „приврзок Мјуз“, со кој асистентот може да се активира и додека корисникот е во движење.
На сцената на настанот „Мета Конект“, одржан во Менло Парк, Калифорнија, Закерберг го покажа уредот во форма на приврзок за клучеви, кој изгледа како комбинација од „Лабубу“ и „Тамагочи“.
Закерберг изјави дека разговорот со сопствениот асистент „Мјуз“ најчесто е најбрзиот начин за завршување на секојдневните обврски, а истовремено е и забавен и симпатичен. Тој наведе дека го користел Агрипа за да пронајде рецепт за себе и за својата ќерка, како и за да ги нарача потребните состојки.
„Мјуз“ директно се интегрира и во серијата паметни очила на „Мета“ со вештачка интелигенција, кои беа предмет на критики поради загриженоста поврзана со приватноста и можноста за следење на корисниците.
Закерберг изјави дека „Мета“ ќе продолжи да ги зајакнува мерките за заштита на приватноста кај своите паметни очила. Според него, секој асистент „Мјуз“ располага со посебен и безбеден виртуелен компјутер наречен „Безбедна виртуелна машина Мјуз“, во кој се сместени и самиот асистент и личните податоци на корисникот.
Тој најави дека „Мета“ во иднина планира да воведе и „Доверлива виртуелна машина Мјуз“, со која ниту самата компанија нема да може да има пристап до тие информации.
Закерберг очекува во следните години „Мјуз“ да прерасне во лична суперинтелигенција што ќе ја користат милијарди луѓе ширум светот за остварување на своите цели и подобрување на животот.
На интернет реакциите за новиот асистент се различни. Директорот за вештачка интелигенција во „Мета“, Александер Ванг, сподели серија забавни фотографии на кои „Мјуз“ е сместен во сцени од филмови, телевизиски серии и историски настани.
Дел од корисниците го следеа неговиот пример, создавајќи сопствени аватари и споделувајќи фотографии од нив на социјалните мрежи.
Сепак, некои корисници изразија сомнежи и загриженост во врска со безбедноста. Еден корисник на социјалните мрежи праша дали е единствениот кој не сака да ѝ дозволи на „Мета“ пристап до целиот негов живот.
Претприемачот и инвеститор Џејсон Калаканис, пак, напиша дека, како и кај сите софтверски производи, и овие платформи ќе имаат потреба од строги безбедносни механизми и тестирања од независни трети страни.
Закерберг останува оптимист во однос на развојот на вештачката интелигенција, и покрај сè почестите повици од технолошки директори и владини претставници за забавување на нејзиниот развој поради стравувањата од потенцијалните егзистенцијални ризици што ги носи технологијата.
Во неодамнешна објава на платформата „Икс“, Закерберг истакна дека пазарните сили би требало да бидат доволни за да ги држат компаниите за вештачка интелигенција под контрола.
Тој нагласи дека довербата и усогласеноста ќе станат едни од најважните способности по кои ќе се разликуваат асистентите и моделите со вештачка интелигенција, додавајќи дека секоја лабораторија што нема да се фокусира на усогласеноста ќе заостанува зад конкуренцијата.
Закерберг додаде дека „Мета“ го одложила претставувањето на „Мјуз“ за неколку месеци за да се посвети на безбедносните мерки, нагласувајќи дека не сакале да бараат од другите да преземат такви чекори пред самите тие да го направат тоа.
