Еден од најстарите фосили на животно во светот пронајден на фарма за овци во Норвешка
На пасиште за овци во арктичкиот дел на Норвешка е пронајден еден од најстарите познати фосили на животно, зачуван во тридимензионална форма. Откритието претставува прво големо ново наоѓалиште на вакви фосили во Европа по неколку децении.

Камења што паднале од карпа и се располовиле на пасиште за овци во северна Норвешка откриле организам во форма на папрат, кој живеел пред 560 милиони години.
Се смета дека организмот, наречен „Чарнија“, бил едно од најстарите животни.
Пронајдениот примерок, кој ја зачувал својата тридимензионална форма, претставува еден од најстарите познати фосили на животно од овој вид.
Откритието во регионот Финмарк е првиот потврден наод на „Чарнија“ во Скандинавија и претставува прво големо наоѓалиште на ваков вид фосили откриено во Европа по подолг временски период.
Во карпите во близина и претходно биле пронајдени траги од организми кои некогаш биле прицврстени за древното морско дно, но досега не биле откриени фосили од самите организми.
Карпите што се распаднале на пасиштето за овци, пак, откриле многу побогата фосилна збирка.
Овие организми живееле во Едијакарскиот период, кога за првпат на Земјата се појавил сложен живот. Најголемиот дел од она што научниците го знаат за овие организми потекнува од само неколку наоѓалишта. Една од причините е тоа што тешко се наоѓаат карпи во кои тие можеле да бидат зачувани.
Главниот автор на истражувањето, д-р Јорик Венма од Одделот за науки за Земјата при Универзитетот во Кембриџ, изјави дека од овој временски период нема широко распространети карпести записи.
Венма објасни дека за да се зачуваат фосилите, организмите мора да бидат затрупани во седиментни карпи. Затоа, доколку самите карпи се поретки, потешко е да се пронајдат и фосили во нив.
Тој истакна дека најголемиот дел од фосилите од Едијакарскиот период се пронајдени на само неколку места, поради што откривањето на вакви примероци на нова локација е особено возбудливо.
Градбата на телото на овие организми претставува уште еден предизвик. Иако по изглед потсетувала на папрат, „Чарнија“ немала уста, органи или јасно изразени екстремитети за движење.
Организмот, во основа, бил неподвижна кеса исполнета со течност, која потсетувала на медуза и била прицврстена на едно место.
Коавторот на истражувањето, професорот Нил Дејвис од Универзитетот во Кембриџ, изјави дека Едијакарскиот период е неповолен во однос на зачувувањето на фосилите. Главната причина е тоа што повеќето организми биле со меки тела, а скелетите сè уште не биле еволуирани, што значително го отежнувало нивното зачувување.
Дејвис посочи дека многу фосили од тој период биле згмечени под слоевите карпи и до денес се зачувале само како отпечатоци.
Подводна лавина придонела примерокот пронајден во Норвешка да има поинаква судбина. Организмот бил понесен од водната струја и брзо затрупан на морското дно, каде што седиментите го исполниле неговото тело, овозможувајќи да се зачува неговата тридимензионална форма.
Ваквиот начин на зачувување се смета за исклучително редок, особено кога станува збор за толку стар организам со меко тело.
Тридимензионалната форма им овозможила на истражувачите да проучат карактеристики што не можат да се забележат кај сплесканите фосилни примероци. Експертите откриле тенки испакнатини долж секоја гранка, наречени „рбети“.
Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание „Палеонтологија“.
Венма изјави дека кога ист вид организам ќе биде пронајден зачуван на поинаков начин, научниците почнуваат да забележуваат карактеристики што претходно не можеле да ги воочат.
