Македонската филхармонија и оваа сезона ќе не остави „без зборови“

02.10.2014 12:39

Не е едноставно 70 години да се гради дел од музичката историја, за тоа е потребно многу творење, ентузијазам, музицирање. Ретроспективата за активностите на овој наш значаен сегмент ќе бидат евидентирани во големата монографија...

Како единствен и постојан репрезент на симфониското творештво на македонската концертна сцена, Македонската филхармонија во своето долгогодишно постоење врши афирмација на македонските репродуктивни уметници, диригенти, како и промовирање на современото македонско музичко творештво. Во последните години успешна е во настојувањата големите музички светски ѕвезди да застанат пред оркестарот но и пред македонскиот аудиториум.Но што е она што заеднички ќе го споделуваме оваа сезона.

„Секој концерт си заслужува посебно внимение. Солистите и диригентите како и целосната програма се направени со голема прецизност и  внимание.Многу е тешко да се издвои некој концерт или солист, па затоа би рекла дека целата концертна сезона треба да се проследи.За оваа сезона се очекуваат настапите под диригентската палка на Емил Табаков, Урош Лајовиц, Дорон Саломон, Јануш Пшибилски, Дмитри Лис, ќе имаме можност да уживаме во интерпретациите на маестралните виртуози Борис Березовски, Даниел Милер Шот, Емануел Пају, Сергеј Крилов, Сергеј Накарјаков. Од македонските уметници го имаме настапот на Владимир Костов, Игор Дурловски уметници кои ќе настапат на 2 концерти, конципирани со наслов „Македонските уметници за Македонската филхармонија“, пота настапите на Марија Ѓошевска, Михајло Куфојанакис, Петруш Петрушевски, Божидар Пејиќ, дуото Гелебешеви, Ана Гацева, дуото Стефановски, Нинослав Димов. Во оваа сезона ќе се изведат македонските дела кои што беа избрани на конкурсите кои што ги распиша Министерството за култура во соработка со националните институции и Сојузот на композиторите на Македонија“, вели Маја Чанаќевиќ- директор на Македонска филхармонија.

Првите концертни звуци од оваа сезона како прелудиумот на Панде Шахов, Концертот за виолончело и оркестар на Лало со солистот Даниел Милер Шот, потоа Штраусовиот Дон Шуан, Како и Танц свитата на Бела Барток на 6-ти октомври ќе се пренесат и на концертниот подиум на салата Ватрослав Лисински во Загреб.

„Македонската филхармонија од пред три години е член на две големи меѓународни асоцијации и токму поради овие соработки на Македонската филхармонија се гледа на малку поинаков начин во меѓународни рамки.Но за ваквите соработки е многу важен и впечатокот кој од тука го понесуваат гостите. Од овие соаботки произлезе и нашето гостување во Оман пред две години, како и ова гостување на 6 октомври во Загреб. Всушност зад овој концерт во Ватрослав Лисински како организатор се јавува Концертната агенција од Загреб за чија соработка се надевам дека ќе продолжи и понатаму“, нагласува Чанчаревиќ.

Не е едноставно 70 години да се гради дел од музичката историја, за тоа е потребно многу творење, ентузијазам, музицирање. Ретроспективата за активностите на овој наш значаен сегмент ќе бидат евидентирани во големата монографија.

„Монографијата ја сметавме како неизбежен сегмент од нашата прослава на големиот јубилеј 70 години постоење од Македонската филхармонија. За овој повод во текот на летниот период промовиравме ЦД,а со монографијата сакаме да направиме еден приказ, барем еден дел од историјата на нашата национална гордост да претставиме во една убава книга.За монографијата се подготвуваат текстови, фотографии низ кои ќе можеме да се потсетиме на некои настани, на она што било , но исто така ќе ја претставиме и денешнината. Автори на монографијата се нашите истакнати музиколози Тина Иванова и Роза Нолчева Ангеловска, кои иако се од помладата генерација тие последните години активно се вклучени во живото на Македонската филхармонија но и во музичкиот живот во Македонија. Се очекува монографијата да биде детална, интересна, но во исто време со модерен приспат и изглед“, објаснува Чанчаревиќ.

Со надеж дека ќе ја поттикнат публиката, концертите и оваа година ќе ги обележат тематски наслови како: Ах тие летни ноќи, Волшебна флејта, Бурлеска, Апотеоза на танцот, Б на квадрат, Видео игра, Филхармонија на кирилица,итн... Прекрасната и вонвременска музика како и секогаш очекуваме повторно и оваа сезона да не остави „Без зборови“.

 

Весна Малјановска