Технологија

Квантните компјутери преминаа во фаза на логичко-математичко заклучување

27.09.2026 16:01

Истражувачи од универзитетите Џеџијанг и Шјингхуа во Кина, користејќи суперспроводлив квантен процесор со 121 кубит, докажаа две геометриски теореми.

За првпат експериментално е покажано дека квантната опрема не служи само за брза обработка на податоци, туку може да изведува и проверливи математички заклучоци, следејќи одредени логички правила.

Во рамките на истражувањето, покрај доказот дека дијагоналите на квадратот се сечат под прав агол, беше решен и сложен геометриски проблем со триаголници што се пресекуваат и кружници, поставен на Меѓународната математичка олимпијада во 1978 година.

Истражувачкиот тим користел два различни метода за обработка на апстрактни концепти и алгебарски формули со помош на квантни кола.

За да докажат дека дијагоналите на квадратот се сечат под прав агол, истражувачите го примениле методот на Ву, со кој чекорите од алгебарската геометрија биле приспособени за обработка со квантна опрема.

При решавањето на теоремата од Меѓународната математичка олимпијада, пак, бил применет метод за пребарување симболички докази, поддржан со поедноставени техники на машинско учење. Методот бил користен за предлагање, примена и оценување на логичките чекори со цел да се дојде до правилен заклучок.

Иако истражувањето сè уште не е објавено во научно списание со стручна рецензија, неговата прелиминарна верзија е достапна на платформата „Арксив“.

И покрај нестабилната природа на кубитите и пречките на кои тие се подложни, научниците посочуваат дека постигнатиот успех би можел да ги постави темелите за идно користење на вештачката интелигенција и квантните системи при решавање сложени математички проблеми со кои класичните компјутери не можат да се справат.