Петмина уапсени поради сомнение за напад во воена база во Велика Британија
Вклучен алармот во Велика Британија. Петмина мажи се уапсени во близина на клучна воена база под сомнение за подготовка на напади со експлозив. Станува збор за база што ја користат Американците за напади врз Иран. Освен апсења, имаше и евакуации на локалните жители.

Сериозен инцидент во близина на воена база, предизвика паника во Велика Британија. Петмина се уапсени под сомнение дека планирале напад со експлозив во Кралската воздухопловна база во Велфорд. Поради безбедносни причини наредена е евакуација на околу 85 домаќинства, а жителите се пренесени во блискиот центар за рекреација. Антитерористички екипи излегоа на терен. Беше поставен безбедносен кордон во радиус од 400 метри, а на терен присутни и припадници на итните служби, како и специјализирани медицински тимови за интервенција во опасни подрачја. Состојбата е под контрола.
„Посветени сме на утврдување на природата на инцидентот, постојано сме во комуникација со нашите партнери на локално, но и на национално ниво. Особено тесно соработуваме со нашите партнери од полициските служби за борба против тероризмот. Во овој момент, фокусот на полицијата во Глостершир е насочен кон локалната заедница и би сакал да им се заблагодарам на жителите кои ги напуштија своите домови, за нивното разбирање и поддршка“, изјави Ричард Окон – заменик началник на полицијата во Глостершир.
Кралската воздухопловна база во Велфорд е главно одредиште на американските сили од каде што бомбардери Б-52 се вклучени во нападите врз Иран. Воената база е напредна оперативна локација за американската команда во Европа, задолжена за управување со напади на долги растојанија, многу мисии и воени вежби.
Во март годинава, британската влада даде дозвола на американските воздухопловни сили да ја користат базата во Верфорд за напади врз ирански ракетни позиции што напаѓаат бродови во Ормускиот теснец.
Маја Стојанова
