Наука

Научници открија пеперутка која речиси воопшто не старее

27.09.2026 16:15

Во истражување предводено од Универзитетот во Бристол, во соработка со Смитсоновиот институт за тропски истражувања, научниците открија дека одредени пеперутки од родот „Хеликониус“, кои живеат во тропските дождовни шуми во Јужна и Централна Америка, го забавуваат процесот на стареење и можат да живеат значително подолго од другите видови пеперутки.

Додека повеќето видови пеперутки живеат само неколку недели, утврдено е дека пеперутките од родот „Хеликониус“ можат да преживеат речиси една година.

За разлика од другите пеперутки кои се хранат само со цветен нектар, возрасните единки од родот „Хеликониус“ консумираат и полен.

Сепак, истражувачите откриле дека дури и кога поленот бил отстранет од нивната исхрана, овие пеперутки ја задржале предноста во однос на долговечноста.

Во експериментите спроведени со видот „Хеликониус хекале“, кој се храни со полен, и неговиот близок сродник „Дриас јулија“, кој не консумира полен, било утврдено дека „Хеликониус хекале“ живее значително подолго дури и без полен во исхраната.

Резултатите од истражувањето покажале дека врз долговечноста влијаат не само исхраната, туку и генетските и еволутивните разлики.

При тестирањата на физичките способности и мускулната функција било забележано дека единките од видот „Дриас јулија“ станувале послаби со стареењето, додека кај постарите единки од видот „Хеликониус хекале“ не било забележано физичко опаѓање ниту губење на мускулната маса.

Според истражувањето објавено во научното списание „Нејчр комјуникејшнс“, просечниот животен век на видовите од родот „Хеликониус“ е приближно трипати подолг во споредба со нивните блиски сродници.

„Хеликониус хјуитсони“, кој е забележан како вид пеперутка со најдолг животен век, може да живее до 348 дена, додека неговиот кратковечен сродник „Дионе јуно“ живее само околу 14 дена.

Тоа покажува дека меѓу два вида од исто семејство пеперутки може да постои разлика во животниот век од приближно 25 пати.

Научниците нагласуваат дека појавата на толку голема разлика во животниот век кај видови со блиско еволутивно минато претставува значаен модел за подобро разбирање на биологијата на стареењето и механизмите што овозможуваат долговечност.