Култура

Концерт на Марија Вршкова и Наз Ирем Туркмен на „Денови на македонската музика“

28.09.2026 12:16

На програмата се дела од македонски и странски автори – А. А. Сајгун, Сони Петровски, Томислав Зографски, Филип Иванов и Фазил Сај.

На 49-тото издание на фестивалот „Денови на македонската музика“ вечерва концерт ќе одржат македонската пијанистка Марија Вршкова и младата турска виолинистка Наз Ирем Туркмен. Концертот ќе се одржи во Музејот на македонската борба, со почеток во 20 часот.

На програмата се дела од македонски и странски автори – А. А. Сајгун, Сони Петровски, Томислав Зографски, Филип Иванов и Фазил Сај.

Марија Вршкова е една од истакнатите македонски пијанистки, со богата концертна и педагошка дејност. Реализирала повеќе од 50 светски премиери на дела од македонски и странски композитори, а настапувала во повеќе европски земји, САД и Турција. Добитничка е на бројни награди, меѓу кои и највисокото признание на СОКОМ „Георги Божиков“ во 2023 година. Таа е вонреден професор и продекан за концертна дејност на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Наз Ирем Туркмен, родена во Истанбул во 2006 година, студира виолина на Универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург. Добитничка е на повеќе први награди на меѓународни натпревари, а настапувала како солистка со повеќе водечки турски оркестри и на фестивали во Европа. Во 2022 година ја освоила втората награда на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“.

На вечерашниот концерт ќе бидат изведени „Demet suita“ за виолина и пијано од Сајгун, „Bric-a-brac“ за соло виолина од Сони Петровски, „Песна“ за соло виолина од Томислав Зографски, „Соната“ за виолина и пијано од Филип Иванов и „Black Earth“ за пијано од Фазил Сај.