Концерт на младите музичарки Леона Кондратенко и Фатима Алиева
Концертот е дел од соработката меѓу Музичка младина на Македонија и Музичка младина на Србија, која овозможува настапи, размена и поврзување на млади музичари од двете земји.

Во рамки на концертниот циклус „Млади за млади“, вечерва во Камерната сала на Македонската филхармонија ќе настапат младите музичарки Леона Кондратенко – виола и Фатима Алиева – пијано. Концертот почнува во 19:30 часот, а влезот е слободен.
Концертот е дел од соработката меѓу Музичка младина на Македонија и Музичка младина на Србија, која овозможува настапи, размена и поврзување на млади музичари од двете земји.
Кондратенко и Алиева на 21 септември настапија и во Белград, во организација на Музичка младина на Србија, а по концертот во Белград, дуото ќе се претстави и пред скопската публика.
На програмата се дела од Роберт Шуман, Јорк Боуен, Сони Петровски, Бохуслав Мартину, Дмитриј Шостакович и Мануел де Фаља.
Леона Кондратенко студира на Високата школа за музика и танц во Келн, додека Фатима Алиева, пијанистка од Баку, Азербејџан, своето образование го продолжува во Германија. Двете имаат концертни настапи и учества на меѓународни фестивали и натпревари.
Концертниот циклус „Млади за млади“ е програма на Музичка младина на Македонија преку која младите уметници добиваат можност за концертно претставување и стекнување професионално искуство. Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.
