Регион

Вучиќ поднесе оставка од претседателската функција во Србија

28.09.2026 08:28

По оставката, должноста претседател на Србија привремено ќе ја извршува претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ.

Александар Вучиќ поднесе оставка на функцијата претседател на Србија, најавувајќи дека ќе учествува на предвремените парламентарни избори на 25 октомври. Вучиќ во обраќање на РТС изјави дека „денес е денот“ кога се повлекува од претседателската функција.

По оставката, должноста претседател на Србија привремено ќе ја извршува претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ. Според српското законодавство, претседателските избори треба да се одржат најдоцна во рок од три месеци од престанокот на мандатот. Рокот за одржување на изборите е најдоцна 27 декември.

Како последен чин на претседателската функција, Вучиќ соопшти дека донел одлука за аболиција и помилување на 49 лица. Од нив, 23 се поврзани со настаните во изминатиот период, меѓу кои и студентските протести.

На 25 октомври во Србија ќе се одржат предвремени парламентарни избори, откако претседателот претходно ја распиша одлуката за нивно одржување.

Вучиќ, кој не може да се кандидира за трет претседателски мандат, најави дека ќе учествува во изборната кампања и ќе биде кандидат за премиер доколку неговата листа освои мнозинство.