Груевски- Соботка: Чешка е силен поддржувач на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО

02.10.2014 13:22

Во Прага ќе се одржи и бизнис форум. Ќе говорат и Груевски и Соботка. Ќе бидат презентирани трговските и инвестициски можности на државата забизнис на чешките компании...

Чешка е силен поддржувач на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Подготвени сме да помогнеме и да ги пренесеме искуствата, порака од првиот човек на Чешката влада,  Бохуслав Соботка, по тет- а- тет средбата со премиерот Груевски.

„Чешката Република долг период ја поддржува Македонија на патот кон НАТО и ЕУ интеграциите. Имеме позитивни оценки за чекорите на Македонија за членство во овие организации. Подготвени сме да го пренесеме нашето искуство во имплементирањето на европските стандарди. Пристапот на земјите од Западен Балкан во северно-атланските структури го гледаме како чекор кон стабилен и просперитетен дел од регионот“, оцени премиерот на Чешка, Бохуслав Соботка

Политичките релации се на високо ниво, фокусот треба да биде ставен на економската соработка, смета премиерот Груевски.

„Република Македонија ја цени принципиелната и конзистентна чешка поддршка за што поскоро и безусловно отпочнување на пристапните преговори за членство на Република Македонија во ЕУ според веќе применетиот пристап на паралелно одвивање на преговорите за членство во Унијата и на разговори за надминување на билатералната разлика со земја- членка. Република Македонија исто така високо ја цени заложбата на Чешката република за интеграција на сите земји од Западниот Балкан, а оваа зложба претставува потег на лидерство“, нагласи премиерот Груевски по средбата со неговиот чешки колега.  

Во Прага ќе се одржи и бизнис форум. Ќе говорат и Груевски и Соботка. Ќе бидат презентирани трговските и инвестициски можности на државата забизнис на чешките компании.

Вкупната трговска размена на Македонија со Чешка бележи континуиран раст и во првата половина на 2014-та година изнесува 77,6 милиони долари. Најважни извозни артикли на Македонија во Чешката Република се автомобилските делови и виното.