Србија

Вучиќ поднесе оставка, во трка е за премиер

28.09.2026 13:05

Александар Вучиќ ги предаде своите должности на претседателката на парламентот Ана Брнабиќ, која сега е вршител на должноста претседател на Србија. Тој поднесе оставка од функцијата за да може да учествува во предизборната кампања за парламентарните избори што се закажани на 25-ти октомври.

Александар Вучиќ ги предаде своите должности на претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, која ќе биде вршител на должноста Претседател на државата до изборите на крајот на декември. Ќе ја задржам оваа позиција до изборот на новиот претседател на Република Србија, изјави Ана Брнабиќ.

Вучиќ синоќа поднесе оставка за да учествува на вонредните парламентарни избори на 25 октомври како кандидат за премиер на Српската напредна странка, порачувајќи дека ја извршувал својата должност верно, чесно и праведно.

Последната одлука на Вучиќ беше помилувањето на 49 лица, од кои 23 лица се поврзани со студентските протести и блокади.

Според Уставот, вршител на должноста претседател на државата е претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, која може да остане на таа функција максимум 90 дена.

Изборите за претседател на Републиката ги распишува претседателот на Собранието.

Од денот на распишувањето на изборите до денот на гласањето не може да поминат помалку од 30 или повеќе од 60 дена, што значи дека Србија веќе на крајот од годината може да има претседателски избори.

Оливер Бранковиќ