Вселенскиот телескоп „Роман“ на НАСА го отвори своето око од 300 мегапиксели кон вселената
Вселенскиот телескоп „Ненси Грејс Роман“ на НАСА успешно го активираше својот широкоаголен инструмент од 300 мегапиксели, дизајниран за детално набљудување на големи области од вселената, со што беше постигната важна пресвртница во мисијата.

Инструментот коронограф, наменет за снимање планети, исто така ги заврши своите дигитални, електронски и механички проверки, откако беше активиран претходно овој месец.
Тестирањата се дел од повеќемесечниот процес на подготовка за мисијата, кој ќе продолжи додека телескопот патува кон втората Лагранжова точка - L2, оддалечена околу 1,6 милиони километри од Земјата.
Широкоаголниот инструмент е создаден за да овозможи широк поглед кон вселената, комбиниран со јасност слична на онаа што ја нудат опсерватории како вселенскиот телескоп „Хабл“. Секоја снимка ќе опфаќа област поголема од видливата големина на полната Месечина на небото.
Овој широк и детален поглед ќе им овозможи на научниците да ја проучуваат вселената во огромни размери. Телескопот „Роман“ ќе бара траги од нови планети надвор од Сончевиот Систем, ќе истражува прашања поврзани со темната енергија и ќе ја мапира распределбата на материјата во вселената.
Научникот Џош Шлидер од Центарот за вселенски летови „Годард“ на НАСА изјави дека е потврдено оти инструментот функционира во вселената.
„По годините поминати во изградба и тестирање на инструментот на Земјата, добивме потврда дека тој функционира и во вселената. Пред нас има уште многу работа, но напредуваме кон револуционерни научни истражувања“, рече Шлидер.
Инженерите наведоа дека пред активирањето, широкоаголниот инструмент бил оставен во состојба на мирување 10 дена за да се исуши и исчисти. Во текот на овој процес температурата на детекторите била одржувана на минус 65 Целзиусови степени.
Утрото на 11 септември грејачите биле исклучени, а системот бил изладен до минус 143 Целзиусови степени. По достигнувањето на оваа температура биле активирани 18 инфрацрвени детектори. Нивното ладење продолжило сè додека не ја достигнале конечната работна температура од минус 183 Целзиусови степени.
Инженерите во услови на бестежинска состојба ги тестирале филтрите и системите со призми кои ги контролираат брановите должини на светлината. Потоа било потврдено дека механизмот за фокусирање функционира правилно.
Инструментот коронограф на „Роман“ е дизајниран за демонстрација на некои од најнапредните технологии што се користат во вселената за директно снимање планети кои орбитираат околу други ѕвезди.
Системот користи оптички компоненти, маски и флексибилни огледала за да го потисне интензивниот сјај на ѕвездата. Со блокирање на ѕвездената светлина се очекува да стане видлива слабата светлина што ја рефлектираат планетите во нејзината орбита.
Научниците и инженерите кои работат од Контролниот центар во Пасадена потврдија дека е воспоставена комуникација со сите главни компоненти на инструментот, вклучително со софтверот, системите за контрола на температурата, камерите и авиониката.
Исто така, било потврдено дека контролорите на Земјата можат далечински да управуваат со главните функции на инструментот, вклучувајќи ги подвижните механизми што ги поставуваат маските, филтрите за боја и призмите.
Било утврдено дека системот за термичка контрола на коронографот функционира правилно и дека опремата е загреана до нормалната работна температура од 22 Целзиусови степени. Компонентите, со исклучок на детекторите, се дизајнирани да работат на температура блиска до собната.
Се планира вселенскиот телескоп „Роман“ да ги испрати своите први научни снимки на Земјата на почетокот на 2027 година.
