Охрид

Еразмус+ ги отвора европските можности за учениците и наставниците во Вевчани

28.09.2026 16:45

Можностите што ги нуди „Еразмус+“ од денеска поблиску до учениците и наставниците во Вевчани. Размена на искуства, нови практики и европски партнерства, но и можност вевчанската традиција да се претстави пред Европа – дел од придобивките што ги носи програмата.

Можностите што ги нуди европската програма „Еразмус+“ денеска беа претставени во општина Вевчани. Целта е наставниците и учениците од помалите општини и руралните средини да се запознаат со можностите за размена, стекнување нови искуства и практики, но и создавање партнерства со образовни институции од Европа.

Во актуелната финансиска рамка за Македонија досега се обезбедени повеќе од 40 милиони евра. Во последните пет години, преку програмата за млади учествувале повеќе од 3.500 ученици и студенти.

„Еразмус+“ е една од најважните европски програми финансирани од Европската Унија, која има за цел да ги поврзе младите, но и наставниците и професорите, овозможувајќи им можности за учење и стекнување искуства кои се паметат цел живот, особено во свет кој постојано се менува со технолошкиот развој.

„Најголем колач оди во високото образование, но не се исклучени тука училишното образование, исто така и младите и младинските организации. Повеќе од 1.500 млади луѓе, односно преку програмата за млади, излегле од Македонија во последните пет години. Студентите – повеќе од 2.000 студенти излегле од Македонија преку програмата „Еразмус+“, изјави Ана Михајлов, директорка на Националната агенција.

ОУ „Страшо Пинџур“ и ЈУДГ „Планински Цвет“ досега не биле активни корисници на „Еразмус+“, но сега пред нив се отвораат нови можности за поврзување со европски образовни институции, размена на искуства и нови практики, а во Европа да ја претстават и богатата традиција на Вевчани.

„Вевчани, знаете, место каде што културата, традицијата се гајат со векови. Се надевам дека оваа програма ќе ја искористиме во најголема можност, не само што децата наши од училиштето ќе имаат искуство од видовите процеси во Европа. Ние сме толку горди и знам дека има и што да понудиме како Вевчани, дека и Европа ќе види нешто што не е секојдневно, што се случува во Вевчани, како традиција, како и моментално“, изјави Спасе Кочоски, градоначалник на Општина Вевчани.

Во општина Вевчани има околу 150 основци, кои во иднина ќе имаат можност да се вклучат во програмата „Еразмус+“.

Соња Рилковска