Нова жртва на вирусот западнонилска треска, почина 70-годишен маж
Нова жртва на вирусот западнонилска треска, почина 70-годишен маж. Пациентот имал и придружни заболувања, потврди директорот Цана, а на Инфективна се лекувал 53 дена. Бил и на респираторна поддршка.

70-годишен жител на скопски Аеродром е нова жртва на вирусот западнонилска треска. Починал за време на викендот. Пациентот имал и придружни заболувања, потврди директорот Цана, а на Инфективна се лекувал 53 дена. Бил и на респираторна поддршка.
На Клиниката под медицински надзор се седуммина. Од нив двајца се во потешка состојба. Сите се повозрасни пациенти со коморбидитети. Шестмина се од Скопје, а последниот хоспитализиран на 25-ти месецов е од Росоман. Иако сезоната на комарците полека одминува, надлежните препорачуваат граѓаните да се придржуваат до мерките за заштитата.
Заразата со вирусот на западнонилската треска се пренесува преку убод од инфициран комарец. Најголема трансмисија, според Светската здравствена организација е евидентирана од јули до септември. Годинава вирусот бил присутен во 16 европски земји. Најмногу инфицирани има во Италија, Грција, Шпанија, Франција и Романија.
Анита Димитријевска – Велковска
