Војната во Украина не запира, Русија ги интензивира нападите
Уништени се десетици домови. Во напад на беспилотни летала разрушен е деловен центар во Днипро, десетици лица се ранети. Спасувачките екипи се борат за евакуирање на повредените. Додека на фронтот се водат крвави битки, дипломатијата е на пауза. Во Брисел состанок на шефовите на министри за надворешни.

Ужасите на војната во Украина не запираат. Руските сили ги интензивираат нападите. Има загинати и ранети цивили. Во Харковската област настрадале најмалку 25 лица откако била погодена станбена зграда. Две момчиња, на возраст од осум и 12 години се хоспитализирани. Во Киевската област нападот се случил во близина до населба со семејни куќи. Уништени се десетици домови. Во напад на беспилотни летала разрушен е деловен центар во Днипро, десетици лица се ранети. Спасувачките екипи се борат за евакуирање на повредените.
„Само што почнавме да работиме, слушнавме силна експлозија. Зградата се стресе. Излеговме од канцеларијата и видовме густ чад. Се обидовме да се симнеме по скалите, но толпа луѓе трчаше кон нас, велејќи ни дека е невозможно да се помине“, вели евакуиран жител на Украина.
„Чад имаше насекаде. Не видовме оган, само густ чад поради кој тешко се дишеше“, додава друг евакуиран жител.
И додека на фронтот се водат крвави битки, дипломатијата е на пауза. Во Брисел состанок на шефовите на министри за надворешни. Во фокусот одбранбената подготвеност и поддршката за Украина. Калас пред состанокот предупреди дека Русија се подготвува за саботажа против демократските вредности во Европа, за да го подели општеството и да ја одврати поддршката за Украина.
„Важно е да се разбере дека правиме повеќе за зголемување на отпорноста, земјите членки за одбраната трошат вкупно 2,2 насто од БДП, што исто така се средства за одвраќање. Но, мора да бидеме внимателни, бидејќи разузнавачките податоци покажуваат дека Русија планира повеќе акти на саботажа“, изјави Каја Калас – европретставничка за надворешни работи и безбедносна политика.
Од Кремљ стигна објаснување за интензивните напади. Украина сега плаќа за ударите врз стратешките инфраструктурни објекти на руска територија, изјави портпаролот Песков. Претходно, рускиот претседател Путин рече дека Москва е подготвена за разговори со Киев, но ги потенцираше украинските напади врз Москва за време на гласањето на парламентарните избори во Русија.
Маја Стојанова
