Смеа до солзи и оваа година на Фестивалот на комедијата во Куманово
Од синоќешното отварање на Фестивалот „Денови на Комедија“, па се до 15-ти октомври, љубителите на добриот Театар ќе бидат на едно место во салонот на Кумановскиот центар за култура...

Градот на Батко Ѓорѓија во првата половина на окотмври живее во знакот комедијата. Од синоќешното отварање на Фестивалот „Денови на Комедија“, па се до 15-ти октомври, љубителите на добриот Театар ќе бидат на едно место во салонот на Кумановскиот центар за култура.
„Има добра забава, добра атмосфера... Редовни сме, постојано доаѓаме... Дојдовме да се насмееме...“, велат посетителите.
Секојдневниот театрален живот на Кумановецот, чаршиските закачки и неговиот ведар дух постојано подготвен на досетки и шеги дури и кога му е најтешко е инспирација за Фестивалот кој има традиција веќе 17 години.
„Беш летово кажав, ако некој човек е во депресија треба да се пресели да живее барем шест месеци во Куманово“, вели актерката Марија Кондовска.
Македонските театри да продуцираат повеќе комедии и да се негува овој жанр е идејата на организаторот и да ги прикаже пред публиката најновите остварувања.
„Задоволни сме од продажбата на билети, секоја година има се поголем број посетители“, вели Роберт Павлески, Центар за култура Куманово.
Фестивалот е подржан од Министерството за култура.
„Ќе се трудиме овој фестивал да прерасне во европски фестивал на комедијата и да ги надминеме другите фестивали на комедијата во регионот“, изјави Драган Недељкови, заменик министер за култура.
Оваа година на фестивалот нема да има комедија на македонски јазик од матичниот Кумановскиот театар. Организаторите најавија дека ова грешка ќе биде исправена, а Фестивалот во духот на градот ќе го затвори кумановскиот актер Сашко Коцев со стен-дап комедија.
Габриела Димковиќ
