„Безбеден град“ овозможува проверка и електронско плаќање прекршоци за возила со странски таблички
Сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки преку апликацијата „Безбеден град“ можат да проверат дали имаат евидентиран сообраќаен прекршок и да го платат електронски. Оние што не ја користат апликацијата, информација и можност за плаќање добиваат при излез од државата на граничниот премин Табановце.

Министерството за внатрешни работи ги потсетува сопствениците и возачите на возила со странски регистарски ознаки дека преку системот „Безбеден град“ се регистрираат сообраќајни прекршоци сторени со овие возила.
Преку веб- апликацијата со мобилен интерфејс „Безбеден град“, корисниците можат да се регистрираат, да проверат дали со нивното возило е евидентиран прекршок, да имаат увид во издадените прекршочни платни налози и да извршат електронско плаќање.
Користењето на апликацијата не е задолжително. МВР посочува дека таа овозможува прекршоците да се проверат и регулираат однапред, со што се олеснува и забрзува постапката при излез од државата.
За оние кои не ја користат апликацијата, информација за евентуално евидентиран прекршок може да се добие при излез од државата, на граничниот премин Табановце. Таму плаќањето може да се изврши со платежна картичка, додека плаќање во готовина не е предвидено.
Од МВР информираат дека се преземаат активности за проширување на можноста за информирање и подмирување на обврските поврзани со сообраќајните прекршоци и на други гранични премини.
