Од одржливо земјоделство до препознатлив бренд за заеднички настап на пазарот: „Една е Преспа“
Делегацијата на Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP), националните и локалните институции, обезбедува финансирање на систем одржливи земјоделски практики, заштита на природните ресурси и создавање нови економски можности за населението во преспанскиот регион.

Во рамки на денешната посета на регионот, заменикот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, раководителот на оддел во Делегацијата на ЕУ, Еваут Сандкер, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан и градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, преку серија средби со корисници на програмата „ЕУ за Преспа“се запознаа со активностите и резултатите со посебен акцент на паметните мерки за климатски отпорно земјоделство.
Преку обуки досега директна поддршка добија 145 земјоделци, а за 88 земјоделци беше обезбедено менторство, планови за анализа на плодност на почвата и наводнување, како и современа земјоделска опрема. Одржливите земјоделски практики се применуваат на повеќе од 395 хектари обработлива површина, вклучително и преку автоматизирани системи за наводнување, механизација, агрофотоволтаични единици, саден материјал и противградни мрежи.
„Нашата цел е земјоделецот директно да ги почувствува придобивките од зелената и дигиталната трансформација преку помала потрошувачка на вода, пониски трошоци, подобра заштита на производството и поголема конкурентност. Преспа денес покажува дека одржливото земјоделство не е само еколошка определба, тулу и економска можност. Успешните практики што ги гледаме овде треба да бидат модел кој постепено ќе го пренесуваме и во другите региони во земјата“ – истакна заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа.
Преку програмата се инсталирани и 10 агротехнолошки станици, со кои е обезбедена целосна покриеност на околу 4.500 хектари овошни насади, а земјоделците добиваат прецизни податоци во реално време за временските услови и состојбата на почвата, што им овозможува подобро да ги планираат активностите и поефикасно да ги користат ресурсите.
„Пристапот на проектот EU4Prespa ги обединува заштитата на водите, отпадот и почвата, грижата за биодиверзитетот, одржливото земјоделство и создавањето локални вредности. ЕУ овозможува и практични придобивки на терен: земјоделците добиваат алатки, обуки и опрема кои придонесуваат за подобрување на производството и отпорноста додека истовремено ги штитат природните ресурси. Успехот произлегува од соработката меѓу локалните власти, земјоделците, институциите, бизнисите, граѓанското општество и меѓународните партнери“, изјави Еваут Сандкер, раководител на сектор во Делегацијата на ЕУ.
„Овие мерки носат и конкретни придобивки за животната средина. Проценките покажуваат дека примената на поддржаните практики овозможува годишна заштеда од над 50.000 кубни метри вода, како и намалување на емисиите на CO₂ за околу 74 тони годишно“, истакна Јован Тозиевски, градоначалник на Ресен.
Во рамки на посетата беше претставен и првиот заеднички брендинг на локалните производи под мотото „Една е Преспа - Заедница што создава“, со цел зголемување на препознатливоста и конкурентноста на производите од преспанскиот регион и создавање поголема доверба кај потрошувачите.
„Програмата „ЕУ за Преспа“ покажува дека заштитата на природата и економскиот развој можат да одат заедно. Кога земјоделците имаат пристап до знаење, технологија и современа опрема, одржливоста станува конкретна и мерлива придобивка, и за локалната економија и за животната средина“, потенцираше Армен Григорјан, Постојан претставник на УНДП во земјата.
Програмата „ЕУ за Преспа“, финансирана од Европската Унија, имплементирана од УНДП во партнерство со националните и локални институции се реализира од 2024 година со поддршка за интегриран пристап кон одржливиот развој на Преспа, од заштита на природните ресурси и унапредување на земјоделството, до одржлив туризам, локален економски развој и зајакната прекугранична соработка.
