Македонија- Чешка: Одлична политичка соработка, фокус на економијата!
Чешка е силен поддржувач на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО. Подготвени сме да помогнеме и да ги пренесеме искуствата во имплементирање на европското право и стандарди, порака од првиот човек на чешката влада Бохуслав Соботка, по тет а тет средбата со премиерот Груевски. Политичките релации се на високо ниво, фокусот треба да биде ставен на економската соработка, изјави премиерот Груевски..

Кога се исполнети условите нема потреба да се ограничуива членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската унија, порака од чешкиот премиер Бохуслав Соботка, по средбата со неговиот гостин, претседателот на Влата на Република Македонија, Никола Груевски.
Има позитивни оценки за чекорите на нашата држава за влез во двете организации и ја даде поддршката за поскоро интегрирање.
„Ние ја поддржуваме Македонија во нејзината евро-атланска интеграција. Чешка жали за ставот на Грција да го блокира влезот на Република Македонија во ЕУ. Ја поздравувам добрата волја на Република Македонија да бара политичко решение за оваа ситуација. Ние и натаму ќе бидеме активни во поддршката на проширувањето на Европската унија и на НАТО што се однесува на Македонија“, оцени премиерот на Чешка, Бохуслав Соботка.
Премиерот Груевски рече дека македонската влада продолжува со силно темпо и посветеност за спроведување реформи кои значат унапредување на сите општествени сфери за исполнување на европските стандарди, како и со политиката на добри односи со сите соседи.
„Република Македонија високо ја цени принципиелната и конзистентна чешка поддршка за што поскоро и безусловно отпочнување на пристапните преговори за членство на Република Македонија во ЕУ според веќе применетиот пристап на паралелно одвивање на преговорите за членство во Унијата и на разговори за надминување на билатералната разлика со земја- членка. Република Македонија исто така високо ја цени заложбата на Чешката република за интеграција на сите земји од Западниот Балкан, а оваа зложба претставува потег на лидерство“, нагласи премиерот Груевски по средбата со неговиот чешки колега.
Регионалната безбедност била тема на разговор меѓу премиерот Груевски и претседателот на Чешка, Милош Земан. Домаќинот со признание за улогата на македонските мировници во мисиите на НАТО. Овдешните политичари со став дека членството на Македонија во институциите во Брисел е важно и затоа што Чешка гледа перспективен стопанско- економски фактор.
Денешните средби во Прага покажаа дека политичката соработка е на високо ниво. Македонија може да гледа силен сојузник во Европската унија и во НАТО, барем што се однесува до Чешка Република. Она што е на ред, зголемување на трговската размена, а тоа значи подобрување на економската соработка меѓу двете земји.
Стојан Трпчевски, специјален известувач за МРТ од Прага
