Руско-украински конфликт

Масовни руски напади низ Украина

29.09.2026 20:16

Експлозии повторно одекнуваат во главниот град. На удар и пристаништната инфраструктура во Одеса. Во меѓувреме, Киев предупредува на продолжување на руската соработка со Северна Кореја...

Нова ноќ масовни руски напади низ Украина, по руското 24-часовно бомбардирање викендов со жртви и десетици повредени. Експлозии повторно одекнуваат во главниот град. На удар и пристанишната инфраструктура во Одеса. Во меѓувреме, Киев предупредува на продолжување на руската соработка со Северна Кореја.

„Имаме нови информации за учеството на севернокорејски војници во Русија: над 8.000 моментално се на руска територија. Дополнително, се подготвува контингент од уште 10.000 војници. Русија плаќа за ова, вклучително и со технологија, а со руска техничка поддршка во Северна Кореја е воспоставено производство на ударни дронови од типот „Шахед“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Киев во меѓувреме возвраќа. Русија обвини дека украинските вооружени сили нападнале железничка пруга во регионот Брјанск додека воз се движел.

„На делницата Тросна-Ржаница, шините ноќеска беа оштетени за време на патувањето на возот Смоленск-Брјанск“, објави Јегор Ковалчук, гувернер на Брјанск.

Кремљ најави дополнително зголемување на буџетот и армијата, откако Москва претходно порача дека Украина ќе ја плати цената за нападите врз руска територија. Истовремено, последиците од војната сè почесто се чувствуваат и во близина до границите на НАТО. Премиерот на Полска, Туск вели дека руски дронови повторно удриле на околу еден километар од полски граничен премин.

„Руските напади во близина до полската граница станаа постојана појава. Нашите борбени авиони се подигаат во повеќе наврати, а украинските сили се обидуваат да ја неутрализираат заканата додека сè уште е над украинска територија“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.

На зголемените руски активности во Европа реагира и НАТО.

„Русија продолжува со неодговорна кампања на непријателски активности против НАТО. Се обидува да ја ослабне нашата решителност и да ја спречи поддршката за Украина, но не успева. Нашата порака до Москва е јасна – ќе направиме уште повеќе за Украина, а не помалку“, изјави Марк Руте, генерален секретар на НАТО.

Шефот на руската дипломатија пак ја обвини Европа дека води војна против Русија со испраќањето оружје за Украина.

„Ако признавате дека вашето оружје се користи за напади врз нас, а ние потоа го соборуваме – наречете го како сакате. Немам никакво сомневање дека ова е војна што Европа ја води против нас. Ова го зборуваме веќе долго време“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Естонија ја обвини Москва дека стои зад пожарот во објект на одбранбената компанија „Милрем“. Талин тврди дека станувало збор за саботажа нарачана од руските разузнавачки служби. Кремљ ги отфрли обвинувањата како неосновани, велејќи дека тврдењата се без докази и „целосно отуѓени од реалноста“.

 

Бојана Крстевски