ДЗР: Жените 39,2 отсто застапени во Собранието, но само 15 отсто во Владата
Државниот завод за ревизија утврди дека не се воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски и раководни позиции во органите на централната власт. Ревизијата се однесува на периодот од 2020 до 2024 година.

Жените сочинуваат 57,5 отсто од вработените во јавниот сектор, но поголемата застапеност не се преточува и во еднаков пристап до раководните позиции. Според ревизијата на Државниот завод за ревизија, на лидерски позиции најчесто се именувани мажи.
Во Собранието, учеството на жените во 2024 година изнесувало 39,2 отсто. Ревизорите посочуваат дека законски задолжителната квота за помалку застапениот пол има ефект врз учеството на жените во парламентот. Од 1991 до 2024 година, сепак, ниту една жена не била избрана за претседател на Собранието.
За разлика од парламентот, законската рамка за Владата не предвидува родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите. Во составот на Владата 2024–2028 година, од 20 министри со ресор, само три се жени, односно 15 отсто, додека меѓу петте заменици на претседателот на Владата нема жена.
Ревизијата утврдила и дека нема унифицирани механизми за избор и именување на лица на раководни функции во органите на централната власт. Во дел од постапките изборот се спроведува на затворени седници, што, според ДЗР, влијае врз транспарентноста на процесот.
Како значаен ризик за учеството на жените во политиката и на високите раководни функции, ревизијата го издвојува говорот на омраза, особено во онлајн просторот. ДЗР наведува дека тој може негативно да влијае врз жените и нивните семејства и да ги одврати од прифаќање раководни функции.
Државниот завод за ревизија дал препораки до Собранието, Владата, повеќе министерства и политичките партии, со кои се бараат конкретни и мерливи мерки за родова еднаквост, подобра координација меѓу институциите, следење и евиденција, зајакнување на лидерските капацитети на жените и создавање сигурна средина за нивно учество во политичкиот и јавниот живот.
