Здравство

Министерот Клековски го посети пунктот за бесплатни прегледи на ИЈЗ по повод Светскиот ден на срцето

29.09.2026 15:18

На пунктот на ИЈЗ граѓаните имаа можност бесплатно да ги измерат нивото на крвен притисок, шеќер во крвта, холестерол, како и висината и телесната тежина, со што се овозможи пресметување на индексот на телесна маса (BMI) – еден од индикаторите за ризик од срцеви заболувања...

По повод одбележување на Светскиот ден на срцето – 29 септември, министерот за здравство, Сашо Клековски го посети пунктот за бесплатни прегледи, во организација на Институтот за јавно здравје во трговскиот центар „Дајмонд Мол“, со цел подигнување на свесноста за превенција од кардиоваскуларни заболувања.

Годинава Светскиот ден на срцето се одбележува под слоганот „Болеста на срцето може да биде незабележлива: Фати го ритамот на срцето! Не пропуштај ниту едно отчукување!“. Фокусот е на препознавање на скриените симптоми, едукацијата на населението и активностите насочени кон обезбедување универзален пристап до кардиолошка нега и превентивни скрининзи.

На пунктот на ИЈЗ граѓаните имаа можност бесплатно да ги измерат нивото на крвен притисок, шеќер во крвта, холестерол, како и висината и телесната тежина, со што се овозможи пресметување на индексот на телесна маса (BMI) – еден од индикаторите за ризик од срцеви заболувања.

Смртноста од кардиоваскуларни заболувања е еден од најголемите ризици во светот. Факторите кои ги предизвикуваат овие заболувања може да се превенираат и откријат со едноставни прегледи. Апелирам граѓаните редовно да контролираат крвен притисок, гликемија, и доколку има потреба да се зема терапија пропишана од доктор, само на тој начин ќе го заштитиме здравјето, посочи министерот Клековски.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска истакна дека целта на оваа теренска активност е подигнување на свесноста за кардиоваскуларните заболувања.