Мицкоски: Со оглед на испорачаното, би било нелогично Македонија да биде изземена
Нелогично би било со оглед на испорачаното од Реформската агенда и Планот за раст, Македонија да биде изземена, смета премиерот Мицкоски по информациите на „Политико“, а пред посетата на Фон дер Лајен. За Филипче, пак, Владата нема план, државата е изолирана.

Премиерот Мицкоски вели дека нема информации оти Македонија ќе биде изземена од патоказот за пристапување кон Европската унија, како што објави бриселски „Политико“. Според него, тоа би било нелогично, со оглед на испорачаното од Реформската агенда и Планот за раст. В петок, на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен во Скопје ќе се разговара за процесот на проширување, предизвиците што се случиле во меѓувреме и за она што се очекува во наредниот период.
Владата нема план, државата е изолирана. Патот кон Европската унија е јасен, а тоа се уставни измени, вели лидерот на СДСМ. Според Филипче, вистинскиот развој и напредок се само излез од ѕидот што свесно го изгради Мицкоски.
Премиерот Мицкоски смета дека е корисно во разговорите со Бугарија да има претставници од Европската комисија и од ЕУ, за да ги слушнат аргументите објективно. Не ја отфрла и можноста за претставници од НАТО.
Пред посетата на шефицата на Европската комисија, сè уште отворена дилемата-протоколарна средба или Брисел конечно ќе понуди креативен излез од евроинтегративниот лавиринт? Она што е извесно е дека Владата пред Фон дер Лајен ќе ги реафирмира своите црвени линии-предвидлив пат заснован на европски вредности, без нови идентитетски бариери.
Милчо Велески
