МВР

Тошковски на отворањето на обука за истраги за дроги

29.09.2026 19:11

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со Данило Рици, регионален претставник на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за Југоисточна Европа. Беше разговарано за продлабочување на соработката во борбата против недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции и за јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи во оваа област.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со Данило Рици, регионален претставник на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) за Југоисточна Европа, на која беше разговарано за продлабочување на соработката во борбата против недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции, како и за јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи во оваа област.

На средбата беа продолжени разговорите за унапредување на пристапот во справувањето со проблемот со дрогата, при што беше нагласена важноста од користење на меѓународните искуства и добри практики, експертската поддршка на UNODC, како и од координиран пристап кој ги поврзува полициското постапување, превенцијата и институционалната соработка.

„Борбата против недозволената трговија со дрога бара силни институции, добро обучени полициски службеници и истражители и современи истражни капацитети. Затоа за нас е значајна соработката со UNODC и размената на искуства со меѓународните партнери, особено во делот на истрагите, финансиските текови поврзани со криминалот и одземањето на незаконски стекнатиот имот“, истакна министерот Тошковски.

Во тој контекст, на средбата беше поздравена и конкретната поддршка што UNODC, заедно со Амбасадата на Соединетите Американски Држави, ја обезбедува за спроведувањето на Националната стратегија за дроги.

Во следните четири дена, во полициската академија ќе се реализира специјализирана обука за истраги поврзани со дрога, со предавачи со искуство во областите на истрагата и кривичното гонење. Обуката ги поврзува овие теми со финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники, со цел дополнително унапредување на знаењата и практичните капацитети на полициските службеници.

Тошковски нагласи дека ефикасниот одговор на организираниот криминал поврзан со дрога не завршува со полициска акција и заплена, туку подразбира истрагите да ги опфатат и финансиските текови и имотната корист стекната со криминал.

На средбата беше изразена подготвеност соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и UNODC да продолжи и во наредниот период преку експертска поддршка, обуки и размена на меѓународни искуства во областите од заеднички интерес.

Од страна на претставникот на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал Данило Рици беа претставени проектните активности и беше даден осврт на работата на организацијата, при што истакна дека Министерството за внатрешни работи претставува значаен и кредибилен партнер во спроведување на сите проекти кои се имплементираат од страна на УНОДЦ. Данило Рици се заблагодари за континуираната поддршка и посветеноста на Министерството за внатрешни работи во спроведувањето на заедничките иницијативи.