Нов систем за командување при катастрофи, во подготовка и примена на вештачка интелигенција
Поплави, пожари и невремиња – ризиците се менуваат, а со нив мора да се менува и подготвеноста на институциите. Во земјава ќе се воведува нов систем за командување во кризни состојби, со кој институциите на локално и централно ниво ќе имаат подобар увид во случувањата на терен, а за првпат ќе се користи и вештачка интелигенција при донесувањето одлуки.

Поплави, пожари и невремиња – ризиците од елементарни непогоди се менуваат и стануваат сè поголем предизвик за институциите. Општините и надлежните служби мора постојано да ги прилагодуваат капацитетите и начинот на реагирање.
За првпат во земјава ќе се воведува систем за командување во кризите, со примена и на вештачка интелигенција.
„За прв пат ќе воведеме систем за командување, којшто ќе овозможи сите институции што се вклучени во она што се случува на терен, оние што донесуваат одлуки на национално ниво, но и на локално ниво, да можат да видат што се случува. И во делот околу НАТО проектот NICS2, за прв пат ќе се воведе и вештачка интелигенција во делот на донесувањето на одлуки“, истакна Урим Вејсели, УНДРР.
Новите технологии треба да ја подобрат координацијата и донесувањето одлуки, но за поголема подготвеност се потребни и посилни човечки и институционални капацитети.
„Ако можам да посочам каде треба да се вложат повеќе напори за да се подобри подготвеноста, тоа се капацитетите, финансирањето и политичката волја“, изјави Армен Григоријан, УНДП.
Од Центарот за управување со кризи велат дека досегашното справување со пожарите и другите елементарни непогоди покажува напредок.
„Она што го имаме добро се покажа оваа година. Од пожарите немаме ниту една жртва, ниту некои големи објекти запалени од пожар. И кај поплавите и елементарните непогоди се преземаат мерки“, рече Мухамет Али, директор на ЦУК.
Размена на искуства, зајакнување на локалните капацитети и подобра заштита на граѓаните од последиците на природните непогоди се во фокусот на годишниот состанок на мрежата за отпорни градови, во организација на УНДП.
Соња Рилковска
