Превенцијата и редовните контроли, клучни за заштита од срцеви заболувања
Секој трет смртен случај во земјава е последица на кардиоваскуларни заболувања. На денот на срцето – апел за превенција, редовни контроли и здрави навики. Додека здравствените власти апелираат на превенција, се чека и извештајот за спорните кардиоваскуларни интервенции да биде доставен до Обвинителството.

Секој трет смртен случај во земјава е последица на кардиоваскуларни заболувања. Податоците од Институтот за јавно здравје се алармантни – високиот крвен притисок, шеќерот во крвта и прекумерната телесна тежина се меѓу главните ризик фактори.
„Пијам терапија, ретко мерам, не сум опседната со тие работи“, вели една граѓанка.
„Редовно мерам крвен притисок и редовно правам прегледи“, изјави граѓанин.
„Шеќер имам, сега ми го измерија 11 е, а пијам апчиња“, додава друг.
„Се трудам да спортувам, да сум дисциплиниран, внимавам на исхраната“, вели трет.
Превенција е клучна. На светскиот ден на срцето граѓаните проверуваа притисок и шеќер и да добија совети од стручни лица за заштита на кардиоваскуларното здравје.
„Сакаме на ваквиот начин на активности да ја подигнеме свеста за раната превенција, бидејќи превенцијата е клучна и да испратиме порака да се избегнуваат ризиците кои можат да доведат до тоа, а тоа е високиот крвен притисок, високиот шеќер, промените во телесната тежина“, истакна д-р Марија Андонова – директорка на Институтот за јавно здравје.
Граѓаните честопати не ги препознаваат ризиците навреме, бидејќи високиот крвен притисок и шеќерот можат да бидат и без симптоми. Клековски смета дека прегледите треба да бидат подостапни, односно притисок и шеќер во крвта да можат да се мерат и во аптеките, но неопходно е да се утврдат условите и стандардите.
„Ние автомобилите ги носиме секоја година на регистрација и на техничка контрола и плаќаме мислам преку 10-15 илјади денари за тоа, а некако ни е тешко да појдеме нашата техничка контрола да ја направиме. Значи мора да си ги вреднуваме животите повеќе, бидејќи самите ако не си ги вреднуваме, не можеме да очекуваме некој друг да ги вреднува нашите животи“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски.
Додека здравствените власти апелираат на превенција, извештајот од странските лекари за кардиоваскуларни интервенции за кои има сомнеж дека се извршени без индикации сè уште не е доставен до обвинителството. Клековски вели ќе го достави штом ќе добие безбедносен сертификат, бидејќи документот е класифициран од неговиот претходник.
Андријана Ѓурческа
