Македонија

Разбиена терористичка ќелија поврзана со ИСИС

29.09.2026 19:00

Автоматски пушки и пиштоли, снајпер, тактички елеци и радиостаници, знаме на ИСИС – отворена истрага и поднесена е кривична пријава против тројца за тероризам и недозволена трговија со оружје. Групата ја формирал 34-годишник, припадник на ИСИС – индоктринирал млади лица, и планирал кривични дела на наша територија.

34-годишник пред три години почнал со индоктринација на млади лица за исполнување на цели на терористичката организација ИСИС и ширел пропаганден материјал со радикална содржина, а набавувал и оружје за кривични дела на наша територија. Надлежните соопштија детали за акцијата во којашто беше разбиена терористичка ќелија на Исламска држава. По направените претреси на 12 локации, против тројца е поднесена кривична пријава, за тероризам и неовластена трговија со оружје.

„При извршените претреси се пронајдени и одземени автоматски пушки, рамки за автоматски пушки, снајперска пушка, рамка за снајперска пушка, пиштоли, куршуми од различен калибар, тактички елек, радиоврски, официјално знаме на терористичката организација ИСИС, поголема количина електронски уреди, мобилни телефони, како и поголема сума на денарски и девизни парични средства“, соопштуваат од МВР.

Од АНБ, пак, соопштија првично се уапсени петмина. Претресите се вршени во Сингелиќ, Чаир и Брест. Освен оружје, муниција и пари, членовите на ќелијата на диво користеле струја за копање криптовалути.

„Станува збор за верско радикална групација, надоврзана на транснационални криминални организации која се поврзува со дела на насилство, изнуда, киднапирање, лихварство, недозволена трговија на наркотици, трговија со оружје и останати криминогени активности“, велат од АНБ.

Основното јавно обвинителство донесе наредба за спроведување на истражна постапка и побара 30-дневен притвор за сите тројца.

Марина Стојанова-Тонева