Полицијата се справува со незаконското и непрофесионално работење во своите редови
Внатрешната контрола во изминативе 9 месеци постапила по 1116 случаи. Поднесени 12 кривични пријави против 19 вработени за несовесно и непрофесионално работење...

Нема прошка за грешките на полициските службеници. Внатрешната контрола во изминативе 9 месеци постапила по 1116 случаи. Поднесле 12 кривични пријави против 19 вработени за несовесно и непрофесионално работење.
„Направивме многу промени во нашата реорганизација на секторот со методологија, со систематизација, меѓутоа и со кадровско доекипирање на секторот, за да бидеме една силна и независна контрола која што ќе може да одговори во секој случај во којшто ќе треба да интервенира“, рече Анета Станчевска, началник на Внатрешна контрола во МВР.
Не само кај нас, и во Србија од година на година има зголемување на бројот на кривични дела во кои се вклучени и полицајци. Надлежните велат дека тоа е резултат на зајакнатиот кадровски и технички кадар и секојдневните внатрешни контроли. Граничните полицајци и цариниците се најподлежни на криминал.
„Тие се вклучени во секој вид криминал и се разбира, она што го покажува праксата тие се меѓусебно поврзани. Значи, една смена на граничниот премин на Србија соработува со смената на граничниот премин на Македонија. И ниедно кривично дело, криумчарење на што и да е не може да се изврши доколку нема заеднички договор“, изјави Радован Неранџиќ, началник на Внатрешна контрола во српската полиција.
Но, Албанија бележи намалување на процентот на непрофесионално работење на полицајците. Резултатот го гледаат во покачувањето на стандардите.
„Ние одиме со многу брз чекор кон европските стандарди“, рече Арбен Сендо, генерален директор на Внатрешна контрола во албанската полиција.
Актуелните предизвици на единиците за внатрешна контрола се главна тема на дебатата во Скопје. Учествуваат 11 раководители и претставници на Јавните обвинителства од регионот.
Наташа Гркова-Петрушевска
