Македонија без гол и без бодови по два натпревари во Лигата на нации
Македонија продолжува без бодови и без постигнат гол во новото издание на Лигата на нации. „Црвено-жолтите“ загубија и на гостувањето во Љубљана, каде Словенија славеше со 2-0.

Македонската фудбалска репрезентација го претрпе вториот пораз во новото издание на Лигата на нации. Словенија славеше со 2-0 во Љубљана, нанесувајќи му нов удар на нашиот национален тим.
Избраниците на Гоце Седлоски одиграа рамноправно прво полувреме, но повторно не успеаја да ја затресат противничката мрежа. Словенците го скршија отпорот во вториот дел со головите на Санди Ловриќ и Аљоша Матко.
Седлоски направи осум промени во стартниот состав во однос на дуелот со Швајцарија, а Македонија добро се постави на теренот и во поголемиот дел од првото полувреме му парираше на домаќинот.
Словенија уште во втората минута ја погоди гредата, додека Македонија возврати преку Агон Елези, чиј удар беше блокиран. До паузата двете селекции имаа по неколку шанси, но мрежите мируваа.
Домаќинот поведе во 55. минута преку Ловриќ, чиј удар по интервенцијата на македонската одбрана го смени правецот и заврши во мрежата.
По примениот гол, Седлоски внесе неколку офанзивни играчи, меѓу кои Енис Барди, Христијан Малески, Лука Станковски и Бојан Миовски. Македонија тргна по израмнување, но наместо тоа во 82. минута прими втор гол. Матко излезе сам пред Столе Димитриевски и зголеми на 2-0.
До крајот резултатот не се промени. Македонија по два натпревари останува без бодови и без постигнат гол во Лигата на нации.
Фото: ФФМ
