Судски совет

Недостигот од кадар ја забавува работата на судовите

30.09.2026 16:10

Судскиот совет бара итно решавање на кадровскиот проблем во судовите. Дел од нив во вториот квартал од годинава не го достигнале потребното ниво на ажурност, а делегирањето судии од еден во друг суд, според Советот, не е трајно решение.

Судовите кубурат со кадар. Нема судии, судски службеници уште повеќе, во некои нема ниту информатичари, па нивната ажурност во вториот квартал од годинава е под бараното ниво.

Судскиот совет алармира за побрзо решавање на состојбите. Решение не е да се делегираат судии од едни во други судови, бидејќи таму каде што дошле судовите станале ажурни, додека оние судови од кои заминале, стануваат неажурни.

Тоа што се случува во судовите се одразува на граѓаните кои тргнале по својата правда, предупредуваат.

Од Советот посочија дека во некои судови има повеќе судска полиција отколку службеници, па прашаа што се случи со 200 вработувања кои беа ветени.

Иако Врховниот суд, дел од апелациските судови, како и скопскиот Кривичен суд успешно процесуирале поголем дел од предметите, сепак постои проблемот со недостиг од кадар.

Фиљана Кока