Отворени годишните конкурси за финансирање проекти во културата за 2027 година
Пријавувањето ќе трае до 30 октомври, до 15:30 часот, а апликациите се поднесуваат исклучиво електронски.

Од денеска е отворено електронското пријавување на годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2027 година. Пријавувањето ќе трае до 30 октомври, до 15:30 часот, а апликациите се поднесуваат исклучиво електронски.
Системот за електронско пријавување е отворен од денеска напладне, информираше министерот за култура и туризам Седат Сулејмани на прес-конференција во Владата.
Конкурсите се наменети за поддршка на квалитетни, иновативни и одржливи проекти кои ја збогатуваат културната понуда, отвораат простор за нови креативни изрази, создаваат нова публика и придонесуваат за поголема регионална и меѓународна видливост на македонската култура.
Во фокусот ќе бидат проекти со потенцијал за долгорочен придонес кон културниот развој, преку институционална соработка, регионален досег, меѓународна афирмација и привлекување нова публика. Особено внимание ќе им се посвети и на проектите што ќе се реализираат во пограничните зони.
За 2027 година се задржува минималниот праг од 40 бода од вкупно 100 за добивање финансиска поддршка. Оценувањето се врши според унифициран систем – до 70 бода за квалитетот на содржината, до 15 за човечките ресурси и до 15 бода за финансиската оправданост.
Сулејмани ги повика уметниците, здруженијата, независните културни организации и другите заинтересирани апликанти навреме да ги разгледаат условите и да ги поднесат проектите.
Пријавувањето за сите области се врши исклучиво електронски преку Националниот портал за е-услуги – uslugi.gov.mk. Пријавите во печатена форма или по пошта нема да се разгледуваат.
Годишните конкурси за 2027 година се објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.
