Дурмиши на Берлинскиот процес: Регионалниот пазар носи конкретни резултати за компаниите
Дурмиши истакна дека регионот веќе има индустриски капацитети, квалификувана работна сила и компании поврзани со европските производители, но дека соработката меѓу економиите сè уште е под својот потенцијал.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши учествуваше на конференција во Будва и на министерски состанок во Цетиње, во рамките на Берлинскиот процес. На двата настана се разговараше за зајакнување на Заедничкиот регионален пазар и за забрзување на економското приближување на Западен Балкан кон Европската Унија.
Дурмиши истакна дека регионот веќе има индустриски капацитети, квалификувана работна сила и компании поврзани со европските производители, но дека соработката меѓу економиите сè уште е под својот потенцијал. Според него, следниот чекор е домашните компании да се поврзат во регионални синџири на снабдување и да развиваат производи и услуги со поголема додадена вредност.
„Нашата цел не е Северна Македонија да биде само локација за производство. Сакаме домашните компании да станат посилни добавувачи, да развиваат сопствени производи и технологии и да имаат поголемо учество во европските синџири на вредност. За тоа ни се потребни подобро поврзан регионален пазар, квалификувани луѓе и повеќе инвестиции во иновации“, рече Дурмиши.
