Андоновски: Регионалната соработка може да привлече повеќе инвестиции во вештачката интелигенција
Андоновски учествуваше на панелот „Европската сувереност во вештачката интелигенција: може ли ЕУ да биде конкурентна и да предводи?“, заедно со претставници на владите на Романија и Полска, пратеници во Европскиот парламент и директори на меѓународни компании од телекомуникацискиот и банкарскиот сектор.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на самитот „Импакт“ во Букурешт порача дека земјите од Југоисточна Европа преку заедничка инфраструктура, примена на вештачката интелигенција и олеснето движење на таленти и компании можат да создадат попривлечни услови за инвестиции и технолошки развој.
Андоновски учествуваше на панелот „Европската сувереност во вештачката интелигенција: може ли ЕУ да биде конкурентна и да предводи?“, заедно со претставници на владите на Романија и Полска, пратеници во Европскиот парламент и директори на меѓународни компании од телекомуникацискиот и банкарскиот сектор.
Тој истакна дека европската конкурентност ќе зависи од способноста вештачката интелигенција да се примени во економијата и јавниот сектор, со истовремени инвестиции во инфраструктурата и развој на вештини.
Според Андоновски, земјите од регионот имаат релативно мали пазари поединечно, но преку регионална соработка можат да понудат поголем пазар, квалификуван инженерски кадар, конкурентни трошоци и развиена дигитална инфраструктура.
Како приоритетни области за соработка тој ги посочи заедничката инфраструктура, заедничките примери за примена на вештачката интелигенција и полесното движење на таленти и компании.
Андоновски нагласи дека европската регулатива е важна за воспоставување доверба и јасни правила, но дека следниот чекор треба да биде забрзана примена на технологијата и поддршка на иновациите.
