Министерство за правда

Шасивари: Нова шанса за Изборниот законик, очекувам СДСМ да се врати во работната група

30.09.2026 13:47

На денешната средба со членовите на работната група за реформи во изборното законодавство биле разгледани отворените прашања и можностите за продолжување на процесот. Шасивари оцени дека за реформата е потребен широк политички и институционален консензус.

Министерот за правда Јетон Шасивари најави средба со лидерот на СДСМ Венко Филипче за деблокирање на процесот за реформа на Изборниот законик. Очекува опозициската партија да се приклучи на следниот состанок на работната група.

На денешната средба со членовите на работната група за реформи во изборното законодавство биле разгледани отворените прашања и можностите за продолжување на процесот. Шасивари оцени дека за реформата е потребен широк политички и институционален консензус.

„Изборниот законик не е сопственост на ниту една политичка партија, ниту на власта, ниту на опозицијата“, рече Шасивари, нагласувајќи дека политичките разлики не треба да бидат пречка за унапредување на изборниот систем.

Министерот најави дека во наредниот период ќе побара средба со претседателот на СДСМ Венко Филипче, на која би разговарале за отворените прашања и можностите за продолжување на процесот.

Шасивари очекува СДСМ да учествува на следниот состанок на работната група и да даде свој придонес во реформата.

СДСМ претходно се повлече од работата на работната група за Изборниот законик. Партијата има изнесено забелешки на предложените решенија, меѓу другото и во однос на начинот на гласање на дијаспората.

Според Шасивари, целта е да се создаде изборно законодавство што ќе биде стабилно, предвидливо и транспарентно и усогласено со европските стандарди и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Министерството за правда најавува продолжување на разговорите со Собранието, политичките партии, експертската јавност, граѓанските организации и другите релевантни институции.