Култура

„Охрид In Situ“ ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале на архитектура 2027

30.09.2026 19:31

Проектот го истражува Охрид како простор во кој низ вековите се преплетуваат природата, архитектурата, топографијата, материјалите и локалното знаење.

Проектот „Охрид In Situ – архитектура, континуитет и мудрост на местото“ е избран за македонски претставник на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2027 година. Проектот го истражува Охрид како простор во кој низ вековите се преплетуваат природата, архитектурата, топографијата, материјалите и локалното знаење.

Проектот е на Здружението „Континео“ од Скопје, а автори се Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова, Јован Ивановски, Харалд Трап и Симон Хартман. Куратор е Јован Ивановски, а комесар Авни Ќаили, директор на НУ Музеј на современата уметност – Скопје.

На конкурсот за македонско претставување бил доставен еден проект. Комисијата за разгледување, во состав Огнен Марина, Мишко Ралев и Рилинд Селмани, утврдила дека „Охрид In Situ“ ги исполнува условите и критериумите.

Во образложението се наведува дека проектот има јасен концепт и го става во фокус Охрид и неговите природни, културни и архитектонски вредности. Посебен акцент е ставен на регионалниот модернизам од втората половина на 20 век и на начинот на кој македонските архитекти го реинтерпретирале наследеното просторно искуство на Охрид.

Комисијата ја истакнува и поврзаноста на проектот со генералната тема на 20. Интернационална изложба на архитектура во Венеција, „Создавај архитектура – за можноста за соживот во соочување со реалноста“, поставена од кураторите Ванг Шу и Лу Венју.

Со избраниот проект, Северна Македонија во 2027 година ќе го претстави Охрид како архитектонски и културен простор во кој се поврзуваат наследството, современата архитектура и локалното знаење.