Хоџа: Безбедноста на животната средина бара силни институции и меѓународна соработка
Хоџа истакна дека ниту една земја не може сама да одговори на овие предизвици и оти се потребни превенција, меѓународна соработка и институционална одговорност.

Климатските промени, загадувањето, деградацијата на природата, отпадот и прекуграничните ризици сè повеќе стануваат дел од глобалната безбедносна агенда, порача министерот за животна средина Муамет Хоџа на Националниот семинар за безбедност на животната средина во Скопје.
Хоџа истакна дека ниту една земја не може сама да одговори на овие предизвици и оти се потребни превенција, меѓународна соработка и институционална одговорност.
Според него, еколошката безбедност, владеењето на правото и борбата против криминалот се меѓусебно поврзани. Посебно ја нагласи улогата на инспекциските и другите надлежни органи во спречувањето незаконски активности што можат да ја загрозат животната средина, здравјето и природните ресурси.
Хоџа порача дека државата ќе продолжи со јакнење на институционалните капацитети и продлабочување на регионалната и меѓународната соработка, особено во справувањето со прекуграничниот еколошки криминал.
На семинарот, кој се одржа во рамки на ЕУ твининг проект за зајакнување на капацитетите за спроведување на законодавството за животна средина, се дискутираше и за идните еколошки предизвици, итните состојби, јавното здравје и климатските промени.
Во дискусиите учествуваа експерти и претставници од Северна Македонија, Грција и Шпанија.
