Војната продолжува

30.09.2026 16:45

Војната во Украина и натаму со несмален интензитет. Киев беше нападнат одново со руски дронови, украинските сили возвратија со долг дострел...

Војната во Украина продолжува. Жртви и повредени во руски воздушни напади во Киев. Погодени станбени згради и цивилна инфраструктура. Романија и Полска кренаа воени авиони за да го обезбедат својот воздушен простор. Украина пак нападна со дронови во руската Самарска Област, која е важен центар за производство на нафта. Украинскиот претседател Зеленски, вели дека спроведуваат операции со голем дострел против руската нафтена инфраструктура.

„Киев во текот на ноќта беше цел на нов бран напади со балистички ракети и дронови. Некои од нив беа соборени. Важно е што беа соборени и балистички ракети. Се подготвуваме за нови преговори, особено во врска со противвоздушната одбрана и понатамошната поддршка за Украина – преговорите се закажани за оваа недела“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Украинскиот премиер објави дека Украина и се потребни дополнителни 27 милијарди долари за одбранбени цели во 2026 година. Руската Државна дума од деветтиот состав пак, ја одржа првата пленарна седница. На изборите месецов беа избрани 46 ветерани од војната со Украина, од кои 41 беа од партијата „Единствена Русија“.

„Пред четири години, во 2022 година, Доњецката и Луганската Народна Република, како и регионите Запорожје и Херсон – кои претходно беа разделени со една непромислена партиска одлука – се вратија во својата татковина. Еден народ повторно се обедини“, изјави Вјачеслав Володин – претседател на Државната дума на Русија.

Во исто време, Русија го предупреди НАТО дека е подготвена да посегне по нуклеарно оружје доколку алијансата се обиде да ја отсече руската енклава Калининград. Москва ја обвини алијансата за „опасен и непромислен курс што носи висок ризик од избувнување на директен вооружен конфликт“. Од НАТО негираат каква било закана кон Русија, но потенцираат дека се одбранбен сојуз посветен на спротивставување на заканите за своите членки од сите правци.

 

Маријана Димовска