Паника на летот Дубаи – Тел Авив: Пилоти се степале, авионот принудно слетал
Авион на „ФлајДубаи“ нагло изгубил височина по инцидент во пилотската кабина и принудно слетал во Саудиска Арабија. Патник тврди дека еден пилот го избодел другиот, но информацијата засега не е официјално потврдена.

Наместо мирен лет од Дубаи до Тел Авив – паника меѓу патниците, нагло губење височина, сигнал за итна состојба и принудно слетување во Саудиска Арабија. Комерцијален авион на „ФлајДубаи“ морал итно да ја смени рутата по инцидент во пилотската кабина. Според сведоштво на патник, дошло до физичка пресметка меѓу пилотите, по што резервни пилоти ја презеле контролата врз авионот.
„Она што е јасно е дека напред имаше двајца пилоти. Едниот го избоде другиот. Имаше и двајца резервни пилоти кои влегоа, го стабилизираа авионот и нè спуштија во Саудиска Арабија“, изјави Алмог Итали, патник.
Околу два и пол часа по полетувањето, авионот за само една минута се спуштил од околу 10 илјади на нешто повеќе од 5 илјади метри. Потоа направил невообичаен круг во близина на границата со Јордан и слетал во Табук. Сите патници се безбедни. Инцидентот накратко предизвика страв од можно киднапирање, поради што Израел подигна воени авиони. Во меѓувреме, семејствата на патниците чекаа вести на аеродромот „Бен Гурион“.
„Слушнавме што се случило на небото и дојдов тука да видам дали ќе дојде или не. Се обидувам да стапам во контакт со него. Ни рече дека сè е во ред, не ми кажа многу“, изјави Меир Зохар, татко на патник.
Патниците раскажуваат за моменти на паника во авионот, откако слушнале викање и сфатиле дека леталото нагло ја губи височината.
„Само што се слушнав со ќерка ми, таа беше на летот. Рече дека слушнала како некој вика помош, а потоа авионот почнал да ја губи контролата. Луѓето врескале, мислејќи дека паѓаат“, изјави Јасмин Абукасис, мајка на патничка.
Причината за инцидентот засега не е официјално потврдена, а истрагата продолжува. „ФлајДубаи“ потврди дека летот FZ 1073 безбедно слетал во Табук и дека сите патници се безбедни. Компанијата соопшти дека соработува со надлежните власти, додека Израел работи на враќање на патниците дома.
Бојана Крстевски
