Македонија

Две седници на Собранието, на дневен ред повеќе закони по скратена постапка

01.10.2026 08:11

На дневен ред се повеќе предлог-закони од областа на образованието, науката, културата и други области, кои ќе се разгледуваат по скратена постапка.

Пратениците денеска ќе одржат две пленарни седници. На дневен ред се повеќе предлог-закони од областа на образованието, науката, културата и други области, кои ќе се разгледуваат по скратена постапка.

Во рамки на 105. седница ќе се разгледува Предлог-законот за ратификација на изменувањето на Протокол 4 кон Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, во делот на дефиницијата на концептот „производи со потекло“ и методите на административна соработка.

На дневен ред е и Извештајот за реализација на Годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2025 година.

На 123. седница пратениците ќе расправаат за повеќе предлог-закони поврзани со образованието и науката. Меѓу нив се измените на законите за основање на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво, за просветната инспекција, педагошката служба и Бирото за развој на образованието.

На дневен ред се и предлог-закони за изменување и дополнување на Законот за филмската дејност и Законот за заштита на културното наследство.

Пратениците ќе ги разгледуваат и измените на законите за правата на заедниците кои се помалку од 20 проценти од населението, за Инспекторатот за употреба на јазиците, за матичната евиденција и за државните награди.