Македонската филхармонија ја отвора новата сезона со „Симфониски бранови“
На концертот „Симфониски бранови“ како солист ќе настапи 13-годишниот машки сопран Алексис Изар Гордон, а ќе биде изведена и Четвртата симфонија од Густав Малер.

Оркестарот на Македонската филхармонија вечер од 20 часот ја отвора новата концертна сезона „Филхармонија: On Air“. На концертот „Симфониски бранови“ како солист ќе настапи 13-годишниот машки сопран Алексис Изар Гордон, а ќе биде изведена и Четвртата симфонија од Густав Малер.
На програмата се и „Аве Марија“ од Франц Шуберт, а со оркестарот ќе диригира Александар Гордон, таткото на младиот солист.
Алексис Изар Гордон е член на Оперското училиште на Виенската државна опера, каде што се школува од осумгодишна возраст. И покрај младоста, веќе настапувал во повеќе значајни оперски продукции и со Виенската филхармонија.
На десетгодишна возраст го имал своето деби во Стокхолм како сопрански солист во Четвртата симфонија од Малер, под диригентство на неговиот татко. Настапувал и во дела од Бах, Моцарт и Бернштајн, а негови музички ментори се сопранистката Красимира Стојанова и диригентот Џими Чианг.
Диригентот Александар Гордон зад себе има меѓународна кариера како виолист и диригент. Настапувал со оркестри во Европа и Кина, а бил и главен виолист на Лондонската филхармонија.
Концертот „Симфониски бранови“ ќе се одржи вечер од 20 часот во Македонската филхармонија, а МРТ ќе врши директен пренос на првиот програмски сервис.
