Израел ќе се вклучи во истрагата за инцидентот со летот на „Флајдубаи“
Израел ќе учествува во истрагата за инцидентот со летот на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив, откако копилотот го нападнал пилотот и, според израелските власти, се обидел да го преземе авионот.

Израел ќе учествува во истрагата за инцидентот со летот на „Флајдубаи“ од Дубаи кон Тел Авив, откако копилотот го нападнал пилотот и, според израелските власти, се обидел да го преземе авионот. Леталото нагло изгубило височина, по што принудно слетало во Саудиска Арабија. Нетанјаху вели дека е рано за утврдување на мотивот, дали станува збор за терористички напад и дали има вмешаност на Иран.
„Премногу е рано да се каже. Копилотот сега се истражува во Саудиска Арабија. Ќе ја следиме истрагата и можеби ќе учествуваме во неа. Ќе дознаеме што се случило. Но, не е тајна дека Иран сака да цели кон Израелци“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
Нетанјаху ги нарече херои индискиот пилот Смит Мачар и патниците кои го совладале напаѓачот и спречиле можна катастрофа.
„Влеговме со уште едно лице, го зграпчив напаѓачот и го извлеков. Потоа ги повлекував контролите, авионот почна да се нивелира, по што пилотот ми рече дека оттука ја презема контролата“, вели Јанив Хајун, патник.
„Флајдубаи“ соопшти дека ги прекинува летовите кон Израел и дека соработува со надлежните во истрагата.
