Сцена

Скопје повторно во знакот на „Бела ноќ“- музика, уметност, култура до раните утрински часови

01.10.2026 10:08

Вечерниот дел од манифестацијата е предвидено да трае од 19 до 3 часот по полноќ, додека дел од дневните и детските активности ќе започнат порано.

Скопје во сабота, на 3 октомври, повторно ќе живее во ритамот на „Бела ноќ“-културна манифестација која традиционално ги отвора градските простори за музика, уметност, изложби, театар и различни мултимедијални содржини.

Овогодишното издание е во организација на ЈУ Универзална сала и Град Скопје, а програмата ќе се одвива на повеќе локации низ главниот град. Вечерниот дел од манифестацијата е предвидено да трае од 19 до 3 часот по полноќ, додека дел од дневните и детските активности ќе започнат порано.

Централно место во програмата ќе има плоштадот „Мајка Тереза“, односно платото пред Македонската опера и балет. Програмата таму започнува со содржини за најмладите, а потоа продолжува со музички настапи и концерти меѓу кои и настапите на Игор Џамбазов и „Гури Харе бенд“ како и на „Допамин“.

Во манифестацијата се вклучени Младинскиот културен центар, Мостот на уметноста, Боемска улица, Старата скопска чаршија, Музејот на Град Скопје, „Аудио култура“, Домот градежници, „Мала станица“, ДКЦ Карпош, Градската библиотека, Чифте амам, Улица Македонија и Музејот на современа уметност.

Целта е, велат организаторите, културните институции и јавните простори повторно да се отворат за граѓаните, а Скопје една ноќ да стане голема отворена сцена за музика, уметност, култура.