Директорот на БЈБ Јанев на средба со новиот извршен директор на Европол Јирген Ебнер
На средбата беше потврдена заложбата за натамошно унапредување на соработката меѓу македонската полиција и Европол, особено во делот на оперативната соработка и размената на информации од значење за спречување и сузбивање на криминалот...

Во рамки на Европската конвенција на шефови на полиции (EPCC 2026), која се одржа во седиштето на Европол во Хаг, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев оствари билатерална средба со новиот извршен директор на Европол, Јирген Ебнер.
На средбата беше потврдена заложбата за натамошно унапредување на соработката меѓу македонската полиција и Европол, особено во делот на оперативната соработка и размената на информации од значење за спречување и сузбивање на криминалот.
Во фокусот на разговорите беа можностите за дополнително унапредување на заедничките активности во борбата против организираниот и транснационалниот криминал, компјутерскиот криминал и недозволената трговија со дрога, како и зајакнување на капацитетите преку заеднички обуки, проекти и размена на експертски знаења.
Директорот Јанев и директорот на Европол Ебнер разговараа и за современите безбедносни предизвици и потребата од континуирано унапредување на полициската соработка, со цел поефикасно спротивставување на криминалните закани кои имаат транснационален карактер.
Средбата претставува продолжување на активната соработка на Министерството за внатрешни работи со Европол и потврда на определбата за понатамошно јакнење на оперативните партнерства и размената на информации во интерес на безбедноста на граѓаните.
