Минчев од Рим: Законите се донесени, сега следи најважниот чекор – нивната целосна имплементација
Министерот Минчев нагласи дека за Македонија овој Меморандум е особено значаен бидејќи е насочен кон зајакнување на професионалните капацитети на администрацијата и создавање систем во кој развојот на административните службеници ќе биде постојан и системски процес...

„Време е законите да почнат целосно да се применуваат, а реформата да даде резултати што граѓаните ќе ги почувствуваат“ порача министерот за јавна администрација Горан Минчев од Рим, каде денеска со министерот за јавна администрација на Република Италија, Паоло Зангрило, потпиша Меморандум за соработка меѓу Министерството за јавна администрација на Република Македонија и Одделот за јавна администрација при Претседателството на Советот на министри на Италијанската Република.
Ова партнерство пред сè е инвестиција во луѓето кои ја носат јавната администрација. Затоа, важен дел од соработката ќе биде насочен кон воспоставувањето и развојот на Академијата за професионален развој и обука на административните службеници, институција преку која ќе создадеме услови за континуирано стекнување нови знаења, унапредување на вештините и градење професионална и компетентна администрација.
Министерот Минчев нагласи дека за Македонија овој Меморандум е особено значаен бидејќи е насочен кон зајакнување на професионалните капацитети на администрацијата и создавање систем во кој развојот на административните службеници ќе биде постојан и системски процес.
„Токму затоа, една од клучните области на соработката ќе биде воспоставувањето и развојот на нашата Академија за професионален развој и обука на административните службеници. Сакаме да изградиме систем во кој административниот службеник постојано ќе учи, ќе се усовршува и ќе има можност стекнатото знаење да го претвори во подобри резултати во својата работа. Крајната цел се подобри услуги за граѓаните“ изјави Минчев.
Италијанскиот министер за јавна администрација, Паоло Зангрило, посочи дека процесот на проширување на Европската Унија, кој се темели на заслуги, бара и силни и професионални јавни администрации засновани на принципот на заслуги, како во земјите кандидати, така и во земјите членки на Европската Унија.
„Подготвени сме да го споделиме искуството од реформите што ги спроведовме во последните години, од дигитализиран процес на вработување, преку обуки, до Законот за заслуги. Италија цврсто го поддржува европскиот пат на Македонија, а квалитетот на јавната администрација е еден од неговите темели“ порача Зангрило.
Во рамки на посетата, министрите одржаа и билатерална средба на која разговараа за тековните реформи во јавната администрација, можностите за размена на италијанското искуство и експертиза, како и за конкретизирање на идните активности во повеќе области од заеднички интерес, меѓу кои управувањето со квалитет, иновациите во јавниот сектор и Партнерството за отворена власт. Двете страни се договорија во наредниот период да се дефинира и првата програма за заеднички активности за 2027 година, со која ќе се операционализира соработката предвидена со Меморандумот.
За Министерството за јавна администрација, соработката со Италија е дел од традиционално добрите и пријателски билатерални односи меѓу двете земји и претставува нивно конкретно продлабочување во област од особено значење за европската интеграција на Македонија. Италија е силен поддржувач на европскиот пат на Македонија, а размената на искуства и институционалната соработка во реформата на јавната администрација се важен придонес кон изградбата на професионални, ефикасни и европски ориентирани институции.
