Битола

Петмина лекари од битолската болница обвинети за несовесно лекување на 40-годишна пациентка

01.10.2026 16:49

Погрешна дијагноза, пропуштени дополнителни испитувања и четири дена болничко лекување во кои, според обвинителството, не била утврдена вистинската причина за влошувањето на здравствената состојба на 40-годишна пациентка, што резултирало со смрт – е случајот за кој ОЈО Битола поднесе обвинителен предлог против петмина лекари-интернисти од битолската Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“.

Битолското Јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог за петмина лекари-интернисти од битолската Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“. Според обвинението, во периодот од 28 мај до 4 јуни 2024 година, на Интерното одделение, несовесно лекувале 40-годишна пациентка, што резултирало со смрт.

40-годишната пациентка првично во болницата дошла со упат од матичниот лекар, кој се сомневал на тромбофлебитис – воспаление на вените. Но, според обвинението, по прегледот на Интерното одделение, без целосно земена анамнеза и детални анализи, била поставена дијагноза ревматоиден артритис. Пациентката добила терапија и била пуштена дома.

Како последица на ова, кај пациентката не била навреме дијагностицирана тромбозата, ниту ѝ била дадена соодветна терапија, а со тоа била пропуштена можноста за навремено откривање и лекување на тромботичниот процес.

„На 01.06.2024 година пациентката со силни болки во стомакот и влошена општа состојба повторно се јавила на преглед во болницата. Иако тогаш била хоспитализирана, во следните четири дена, и покрај абнормалните вредности на лабораториските и биохемиските анализи, ниту еден од дежурните лекари не презел дополнителни дијагностички испитувања со цел да се испитаат причините и да се одреди соодветна терапија“, стои во соопштението од Обвинителството.

На 4 јуни, при итниот хируршки зафат во приватна болница во Скопје, била утврдена тромбоза на горната и долната мезентерична артерија, со целосна гангрена на тенкото и дебелото црево. Состојбата веќе била неоперабилна. Следниот ден, на 5 јуни 2024 година, 40-годишната пациентка починала.

За обвинетите лекари допрва следи судска постапка, во која ќе се утврдува нивната евентуална кривична одговорност.

Александра Максимовска