Нетанјаху го слави индискиот пилот кој спречил уривањето на авионот на „Флајдубаи“
Израелскиот премиер Нетанјаху го слави индискиот капетан – херој, кој за време на летот беше избоден со нож од копилотот. Во тек е истрага за обидот за џихадистичкиот терористички напад со авион. „ФлајДубаи“ ги прекина летовите кон Израел …

Од обичен патник до национален херој – Јанив Хајун е еден од четворицата мажи на летот Дубаи-Тел Авив кој успеа да влезе во пилотската кабина, да го совлада напаѓачот и да спаси речиси 180 луѓе.
„Пилотот, и покрај раните, успеа да ја отвори вратата од пилотската кабина. Влеговме со уште едно лице, го зграпчив напаѓачот и го извлеков. Потоа ги повлекував контролите назад и авионот почна да се нивелира, по што пилотот ми рече дека оттука ја презема контролата“, изјави Јанив Хајун, патник.
Двајца членови на дежурниот екипаж потоа успеале безбедно да го слетаат авионот во Саудиска Арабија. Индискиот пилот Смит Мачар кој бил нападнат и избоден, е хоспитализиран, а напаѓачот е во притвор. Сите патници подоцна безбедно пристигнаа во Израел.
„Се плашевме дека внатре можеби има друг терорист, па распоредивме уште неколку луѓе во авионот за да можеме едноставно да ја преземеме контролата“, изјави Шота Мусаев, патник кој интервенираше за време на инцидентот.
„Беше многу страшно! Во моментот чувствуваш дека е толку, дека веќе не си меѓу живите“, рече Хаим Лазарович, патник од летот на „Флајдубаи“.
Израелскиот премиер Нетанјаху ги нарече херои, патниците и пилотот, посочувајќи дека била спречена можна катастрофа налик на нападите од 11 септември.
„Копилотот сега го истражуваат во Саудиска Арабија. Ќе ја следиме истрагата и можеби ќе учествуваме во неа. Ќе дознаеме што се случило. Но, не е тајна дека Иран сака да цели кон Израелци во странство и кон самиот Израел. Постоеше можност да се случи уште еден напад како оној од 11 септември“, изјави израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
„Начинот на кој индискиот капетан Смит покажа трпение, присуство на умот и храброста, го исполнува секој Индиец со гордост“, рече индискиот премиер, Нарендра Моди.
Истрагата продолжува. Авиокомпанијата „ФлајДубаи“ соопшти дека ги прекинува летовите кон Израел и дека соработува со надлежните во истрагата.
Бојана Крстевски
