Македонија

Ревизијата откри пропусти во „Мој Термин“

01.10.2026 18:00

Системот „Мој термин“ не се одржува редовно и има недостатоци, и во управувањето и во безбедноста – покажа Ревизорскиот извештај. Пациенти со години чекаат за операции.

Пациенти со месеци, па и години чекаат за операција, и во системот „Мој термин“ се водат на листа на чекање, констатира Државниот завод за ревизија. Во дел од јавните здравствени установи недостигале листи на закажани прегледи. На пример, за ГОБ „8 Септември“ во системот „Мој термин“ во 2025 година стои дека имало 12 операции, што не кореспондира со реалноста.

„Отсуството на листите на закажани прегледи остава простор лица без закажани термини за преглед, користејќи ги приоритетните упати без термин и итните упати, да бидат услужени пред пациентите кои имаат уредно закажани термини и за кои чекаат подолг временски период“, пишува во ревизорскиот извештај.

Според ДЗР ова може да доведе до зголемено незадоволство кај пациентите, и потенцијален ризик од влошување на здравствената состојба, предупреди Ревизорот.

„Мој термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот.

Во извештајот, меѓу другото, е наведено дека од 1-ви јануари 2021-ва година до 30-ти април годинава, системот „Мој термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, што претставува 37,9 отсто од анализираниот период.

Марина Стојанова Тонева