Безбедносните органи со акција против македонски државјанин – под лупа пропагадна мрежа за ширење руска пропаганда
Агенцијата за национална безбедност, МВР и Обвинителството открија пропагандна мрежа во Македонија, во функција на руските интереси. Во фокусот наш државјанин, кој заедно со странскиот фактор креирале мрежа за ширење лажни вести и дезинформации.

Македонските безбедносни служби, во координација со МВР и Обвинителството, истражуваат мрежа од интернет-портали и лица за кои Агенцијата за национална безбедност тврди дека се дел од пропаганден апарат што дејствува во корист на руски интереси.
На 18-ти септември бил извршен претрес во дом на македонски државјанин, каде биле пронајдени и одземени предмети, кои дополнително се вештачат. Лицето се сомничи за предизвикување национална, расна и верска омраза и оддавање службена тајна. Вистинските актери на оваа, како што нагласуваат од АНБ, пропагандна мрежа, која е во функција на руските интереси, се кријат преку клонирани псевдо-портали, регистрирани со македонски интернет-домен.
„Преку овие псевдо-портали се шират лажни вести, дезинформации и се врши преобликување на наративи за актуелни настани, со што се поткопува довербата во институциите и се поттикнува етничка и национална омраза и нетрпеливост. Агенцијата за национална безбедност во координација со други надлежни институции континуирано презема активности за откривање и попречување на пропагандна мрежа во земјава, која има деструктивна и малициозна агенда за остварување влијание врз јавниот дискурс, во корист на странски интереси“, стои во соопштението.
Наведените активности се континуитет на претходно попречените проруски хибридни активности на македонски државјанин, надоврзан на овие пропагандни мрежи, за кого беше поднесена и кривична пријава за ширење расистички и ксенофобичен материјал преку компјутерски систем, се наведува во соопштението.
Од АНБ нагласуваат дека ќе продолжат да преземаат активности за детектирање и спречување на субверзивно-пропагандни активности преку мрежа на портали, надоврзани на регионални проруски политички структури, со кои директно се поткопуваат стратешките евро-интегративни процеси на земјава.
Милчо Велески
