Реформа на мониторинг процесот на Советот на Европа
Новина со реформата на мониторингот е што сега ќе биде можно да и за старите земји членки на Советот на Европа бидат следени, со што би се напуштил двојниот стандард кој што во моментов постои...

Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ), кое денес расправа за Еволуцијата на процесот за следење на земјите членки на Советот на Европа, така наречениот „Мониторинг процес“ во поднесениот извештај и резолуција се осврнува на дел и на процедурата на пост-мониторингот со која беше опфатена и Република Македонија. Според ПССЕ, екстремната политизација на јавниот живот, заедно со етничките и политичките поделби, предизвикува сериозна загриженост, според ова односите меѓу владеачкото мнозинство и опозицијата остануваат многу тешки и со тоа се поткопува процесот на донесување одлуки. Доцна вечерва се очекува да биде изгласана реформа на мониторингот.
Забелешката за Република Македонија е т.н. закон за лустрација и одлуката на главните партии од опозицијата да не ги прифатат нивните мандати во новоизбраниот парламент и да не го признаат легитимитетот на претседателските избори од 2014 година. Овие недостатоци според ПССЕ, ја доведуваат во прашање консолидацијата на демократијата и се спротивни со обврските и заложбите преземни со членството во Советот на Европа.
Притоа се бара од политичките партии и парламентот да ја променат поларизираната и политизирана клима која владее сега. А од парламентот и властите набрзо да ги исправат недостатоците забележани на последниот изборен процес. Притоа се нагласува дека Миниторинг комисијата на ПССЕ ја осудила на одлуката на Демократската унија за интеграција за бојкотот на претседателските избори.
Но покрај извештајот за сработеното, на денешната сесија ќе биде усвоена и реформата на мониторинг процесот.
Новина со реформата на мониторингот е што сега ќе биде можно да и за старите земји членки на Советот на Европа бидат следени, со што би се напуштил двојниот стандард кој што во моментов постои.
„Ќе предложам уште на јунската сесија во 2015 година, кога ќе се се определуваат известувачи за мониторинг за Грција, во делот на почитување на “Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства“, која што Грција ја нема ратификувано а е основен документ за членство, како и дискриминирачките закони од 1982 и 1985 година, според кои, право на враќање во Грција и право на враќање на имоти имаат само Грците по род. Исто така, Грција не дозволува образование на мајчин јазик, како и искажување на културните традиции низ различни форми на асоцијација за македонското, албанското, турското и ромското малцинство. Грција не ги почитува пресудите на Европскиот суд за Човекови Права во Стразбур“, рече Александар Николоски, претседател на делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПССЕ.
Дека старите земји членки нема да бидат поштедени е фактот што и пред усвојувањето на реформата ПССЕ покрена постапка за следење на Франција.
Тони Гламчевски
