„Гугл“ испрати вештачка интелигенција во вселената

02.10.2026 07:03

„Гугл“ го лансираше првиот сателит во рамки на проектот „Санчачер“, со кој ќе тестира дали моќни системи за вештачка интелигенција, слични на оние во податочните центри на Земјата, можат да функционираат во вселената.

Прототип-сателитот беше лансиран од базата на Вселенските сили „Ванденберг“ во Калифорнија, во рамки на мисијата „Транспортер-18“ на „Спејс икс“.

И претходно во вселената биле испраќани чипови со вештачка интелигенција, меѓу кои и во рамки на мисијата „ФиСат-1“ на Европската вселенска агенција, за задачи како следење на животната средина.

Сепак, новата мисија се смета за прва чија цел е да се испита дали обработката со вештачка интелигенција на ниво на податочен центар може да се пренесе во вселената.

Директорката за инженерство во „Гугл“, Марија Бигс, изјави дека проектот „Санчачер“ се темели на идејата за искористување на сончевата енергија за напојување орбитални податочни центри.

Целта е на овој начин во иднина да може поефикасно да се проширува инфраструктурата потребна за развој и функционирање на вештачката интелигенција.

Доколку проектот биде успешен, би можел да го отвори патот за создавање цели сателитски констелации наменети за обработка на податоци и вештачка интелигенција.

И „Спејс икс“ има амбициозни планови во оваа област. Илон Маск претходно годинава поднесе барање до американската Федерална комисија за комуникации за лансирање до еден милион сателити, кои би можеле да служат како орбитални податочни центри за вештачка интелигенција.

Ваквите планови предизвикуваат и загриженост кај дел од експертите. Тие предупредуваат дека значителното зголемување на бројот на сателити во ниската Земјина орбита може да го зголеми ризикот од судири и создавање вселенски отпад.

Постои и загриженост поради светлосното загадување, кое може дополнително да ја отежне работата на астрономите.

„Спејс икс“ преку мрежата „Старлинк“ веќе управува со повеќе од 11 илјади од приближно 16 илјади активни сателити околу Земјата.

Првата мисија на „Санчачер“ првенствено ќе ја испитува издржливоста на хардверот за вештачка интелигенција во вселенски услови.

Ќе се собираат податоци за тоа како чиповите реагираат на високото ниво на радијација и на другите физички предизвици што ги носи престојот во орбитата.

Инженерите ќе следат и дали опремата се прегрева во вселенскиот вакуум, каде што нема струење на воздух што би помогнало во нејзиното ладење.

Од „Гугл“ посочуваат дека претворањето на вселената во средина за обработка на вештачка интелигенција во големи размери е долгорочен процес. Првиот чекор е да се утврди како хардверот функционира во орбитата, кои се потенцијалните слабости и како добиените сознанија може да се применат во идните мисии.